ДОКУМЕНТИТЕ НЕ СЕ ИЗГУБЕНИ Министерството за земјоделство се опоравува од хакерскиот напад, ВМРО-ДПМНЕ се сомнева во хаварија

Архивата на Министерството е оспособена и истата работи, ниту еден документ не е исчезнат или оштетен, посочуваат од МЗШВ.

171

Вработените во секторот за информатички технологии на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) активно работат за целосно отстранување на проблемот во електронскиот систем поради хакерскиот напад што се случи на 12-ти септември. Поради превенција, во моментот системот е делумно подигнат, односно како се отстрануваат проблемите етапно системот се чисти и се враќа во фунцкија, соопшти МЗШВ откако денеска беше повикан од ВМРО-ДПМНЕ да каже колкав дел од архивата е достапен после наводниот хакерски напад.

„Министерството и министерот Љупчо Николовски молчат и кријат дека проблемот е далеку поголем. Тие не демантираа дека се недостапни голем дел од документите од архивата, како на пример електронски податоци од ФАРМ регистарот, регистри за откупувачи за вино, за земјоделските задруги, за органско производство, преглед на сите важечки договори за закуп на земјоделско земјиште, вклучително и листа на должници. Ова се важни документи, за кои Министерството не кажува дали се зачувани или изгубени во целост или делумно“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.






Оттаму велат дека нејасните одговори на Министерството отвораат сомнежи и прашања.

„Дали наводниот сајбер напад трајно уништил документи и податоци? Колкава штета ќе имаат земјоделците од ваквата хаварија? Дали од ваквата хаварија некој има ќар бидејќи на тој начин се прикривани злоупотреби и криминали?“, праша ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството упатуваат извинување до граѓаните поради неможноста навремено и брзо да ги вршат услугите, а дополнително МЗШВ ќе ја информира јавноста за отстранувањето на проблемот и повторното подигнување на системот.

Како што наведуваат од МЗШВ, електронскиот систем на МЗШВ на 12-ти овој месец беше цел на хакерски напад од меѓународна хакерска група „Black Byte. Нападот предизвика блокирање на редовниот работен процес во Министерството и оневозможување на тековните работни процеси.

– МЗШВ уште дента на нападот веднаш ги извести граѓаните, а траснпарентно изминативе денови даде одговор на сите новинарски прашања поврзани со хакерскиот напад – соопшти Министерството.

Нападот, како што посочуваат, е пријавен во Министерството за внатрешни работи за понатамошно истражување и постапување, а превентивно поради сериозноста на нападот времено вон функција биле ставени сите системи на Министерството.

– Со нападот извршено е оштетување, односно декриптирање на податоци од офис документи (word, excel, pdf), додека пак апликациите на Министерството како на пример ЕРЗС системот, ФАДАН, системот за идентификација на земјоделски парцели и други апликации не се оштетени од овој напад, но превентивно веднаш по нападот беа исклучени и сега повторно се активни. Исто така, архивата на Министерството е оспособена и истата работи, ниту еден документ не е исчезнат или оштетен – посочуваат од МЗШВ.

Поврзани содржини