ДОКТОРКАТА МЕРИ ПЕШЕВСКА ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА Падна првата пресуда за „Онкологија“

Судијката Снежана Марковска, која ја изрече пресудата, нагласи дека казната не значи избегнување на одговорност, туку предупредување кое може да ја постигне целта на казнувањето. Таа истакна дека судот ги разгледал и олеснителните и отежнителните околности, применувајќи го начелото на индивидуализација.

466

Основниот кривичен суд во Скопје донесе пресуда со која докторката Мери Пешевска е прогласена за виновна за тешки дела против здравјето на луѓето во предметот „Онкологија“.

Таа доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.






Судијката Снежана Марковска, која ја изрече пресудата, нагласи дека казната не значи избегнување на одговорност, туку предупредување кое може да ја постигне целта на казнувањето. Таа истакна дека судот ги разгледал и олеснителните и отежнителните околности, применувајќи го начелото на индивидуализација.

Како олеснителни околности беа земени предвид фактот дека Пешевска делото го сторила од небрежност, дека призна вина и изрази каење, како и тоа што нема претходни санкции и е вработена на Клиниката за радиотерапија и онкологија од 2002 година.

Во пресудата судијката потсети дека Пешевска го ставила на располагање својот печат, факсимил и идентификациски број, кои биле искористени за пропишување терапија на седум пациенти, во врска со постапувањето на првообвинетиот, поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев.

Тој и уште двајца лекари онколози остануваат обвинети, бидејќи не ја признаа вината.

Пешевска, во завршните зборови, изјави дека била злоупотребена од колегите и дека тогашната пракса дозволувала користење печат од друг онколог за пациентите навремено да ја добијат терапијата.

Таа нагласи дека никогаш не претпоставила дека тоа може да биде злоупотребено.

– Од невнимание го оставив печатот и корисничките податоци на шалтер. Денес печатот го чувам во џеб, а системот го гасам и не го оставам без надзор – рече таа во судницата.

Освен условната казна, Пешевска е задолжена да плати судски трошоци, додека имотно-правните барања на семејствата на пациентите ќе се решаваат во граѓанска постапка.

Поврзани содржини