Први денеска се вакцинираа главна сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска, специјалист за неуроинфекции од Инфективната клиника – медицински работници со значајно искуство на клиниката и огромен придонес во борбата со ковид-19, информира Министерството за здравство.
Д-р Наунова Јовановска е инфектолог кој интензивно работи на комуникација со матичните лекари, како и во лекување на пациенти со други инфективни заболувања сместени на други клиники.
Сестра Темелковска и Д-р Наунова Јовановска ја примија вакцината на Фајзер, која пристигна со првата пратка во нашата земја од Република Србија.
Можеби ќе ве интересира
По примањето на вакцините , тие изјавија дека се чувствуваат добро и упатија порака дека имунизацијата е единствениот начин за да ставиме крај на пандемијата предизвикана од овој непредвидлив вирус.
За денешниот ден, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници. Согласно планот за вакцинација на здравствените работници, први ќе се вакцинираат оние здравствени работници кои работеле и работат со ковид пациенти од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, клиниките во склоп на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Веќе од следната недела вакцинацијата ќе започне и кај медицинските лица во болниците низ државата, како и приватните болници.
Во неделата, од Србија добивме 4.680 од вкупно 8000 вакцини од компанијата Фајзер. До крајот на месец февруари, според последните информации од производителот, треба да пристигнат и вакцините од Народна Република Кина. Сите вакцини се развиени на безбедни платформи, а денешниот почеток на вакцинацијата против коронавирусот е почеток на последната фаза во борбата со пандемијата предизвикана од ковид-19.