ДОКОЛКУ БИДЕ НАПАДНАТ ОД САД, ИРАН ЌЕ УДРИ ВРЗ ИЗРАЕЛ Закана од иранскиот Совет за безбедност

Претставник на Советот рече дека Иран е подготвен за војна, но дека не бара конфликт, предупредувајќи дека секој напад врз Иран би довел до поширок регионален конфликт.

119

Советникот за одбрана на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, и поранешен секретар на иранскиот Совет за национална безбедност, Али Шамкани, предупреди дека Техеран е подготвен за потенцијална војна и дека ќе го нападне Израел во случај на напад од страна на САД.

„Подготвени сме за можна војна. Ако САД нападнат, ние сигурно ќе го нападнеме Израел… Непријателите се обидуваат да го проголтаат Иран, но тоа е невозможно бидејќи тоа е залак што ќе им се заглави во грлото затоа што никогаш нема да успеат во тоа“, рече Шамкани во интервју за телевизискиот канал „Ал-Мајадин“, поврзан со Хезболах.






Коментирајќи ја безбедносната состојба, Шамкани рече дека Иран е подготвен за војна, но дека не бара конфликт, предупредувајќи дека секој напад врз Иран би довел до поширок регионален конфликт. Тој додаде дека во случај на напад од САД одговорот би го опфатил и Израел бидејќи, како што изјави, „тие две земји не може да се набљудуваат одделно“.

Порача дека Иран нема да се откаже од својата поддршка за движењата на отпорот во регионот и дека верува оти притисокот врз Техеран е последица на неговата улога во тој контекст. Тој нагласи дека преговорите со САД се можни само ако се откажат од заканите и притисокот и дека „не доаѓа предвид проширување на преговорите на други прашања, освен за нуклеарната програма“.

Шамкани нагласи дека нема можност за префрлање на нуклеарните резерви на Иран во странство наведувајќи дека нема причина за тоа и дека нуклеарната програма на Иран е исклучиво мирнодопска.

Поврзани содржини