Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вечерва соопшти дека е во завршна фаза договорот за Чебрен. Грчката компанија, рече, побарала уште малку време за финиширање на деталите.
Тој е оптимист дека септември ќе го завршиме со 2,3 милијарди евра инвестиции во енергетиката.
– Со Чебрен сме многу биску да го затвориме процесот и отприлика инвестицијата е една милијарда евра. Ќе има избори во Грција, знаеме дека таа компанија е со државен капитал и побараа тоа да не се совпадне со тамошните избори – рече Битиќи.
Вицепремиерот најави уште две стратешки инвестиции во енергетиката кои, нагласи, ќе бидат во обновливи извори и наскоро можат да се најдат во Собранието.
-Таму сме при крај со преговорите и големината е околу 1,3 милијарди евра. Да не бидам преоптимистичен, но заедно со таа една милијарда евра од Чебрен, септември ќе го завршиме со 2,3 милијарди евра инвестиции во енергетиката – рече Битиќи.
Според него, при крај се и разговорите за влез на Француската развојна агенција со нови 50 милиони евра.
– Мора да креираме програми и ќе стимулираме развој. Мора полека да ја менува економската структура на оваа држава – истакна Битиќи.