ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ОСТАНУВА НЕОСТВАРЕН СОН Скопје и Софија уште долго време ќе преговараат?
И покрај тоа што оптимизмот од наша страна е на видно ниво, добрите познавачи на состојбите во Бугарија се сомневаат дека во толку краток рок ќе може да се стори било што во врска со постоечкиот спор меѓу Скопје и Софија.
Надминување на спорот со Бугарија, што ќе доведе до деблокада на македонските евроинтеграциски процеси, како и брзо доделување на Датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ, беа главните адути на партиите кои партиципираат во Владата, во преговорите за окрупнувањето на владејачкото мнозинство во Собранието со нови пратеници од редовите на опозицијата.
Во пресрет на минатонеделниот обид за гласање на недоверба на Владата на Зоран Заев, во посета беше холандскиот премиер Марк Руте, кој појасни дека земјите од ЕУ водат позадински преговори со бугарските претставници и на тој начин ѝ даде поддршка на актуелната владејачка гарнитура во земјава, потенцирајќи дека набргу би можел да биде доделен датумот. Во медиумите се појави и непотврдена шпекулација за тоа дека во дипломатската битка се вклучил и францускиот претседател Емануел Макрон, кој наводно на своите амбасадори им наложил да лобираат на своите амбасадори за македонската евроинтеграција.
Истите овие шпекулации ги повтори и Кастриот Реџепи, кој истакна дека во неговото премислување околу намерата да гласа против актуелната Влада, пресудно било тоа што добил цврсти гаранции дека постојат огромни шанси на 14 декември Македонија да добие Датум за преговори со ЕУ.
Во меѓувреме и голем број на официјални претставници на земјава, почнаа да шпекулираат со истиот датум, на кој е закажан состанокот на Советот на министри на ЕУ, на кој се носат и најбитните одлуки во Унијата.
Оптимизмот е без основа
Сепак, и покрај тоа што оптимизмот од наша страна е на видно ниво, добрите познавачи на состојбите во Бугарија се сомневаат дека во толку краток рок ќе може да се стори било што во врска со постоечкиот спор меѓу Скопје и Софија.
– Тешко е да се замисли дека новата бугарска влада би можела да се формира до крајот на годината. Таму преговараат четири партии, кои сè уште ја немаат профилирано својата политичка позиција. Дел од преговарачите отворено заговараат прогресивни и модерни ставови, но кај други може да се забележи популизам. Според моја проценка, новата влада многу тешко ќе се формира, а и да се формира тоа нема да биде до 14 декември – изјави за Плусинфо Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор на Македонија во Бугарија.
Ѓорчев смета и дека релациите со Македонија воопшто нема да бидат тема во преговорите за идната коалиција, бидејќи тоа би го направил договорот невозможен.
– Доколку се развие дебата во врска со спорот што Бугарија го има со Македонија, тогаш тука ќе имаме реакција од мошне влијателната Академија на науките и уметностите, како и на Македонскиот институт од Софија, па ова прашање би можело да биде причина за раздор. Треба да се почека, кандидатот за премиер Кирил Петков има добра идеја за формирање на работни груби, во кои ќе влезат бизнисмени, културни работници, експерти и кои ќе градат мостови, а историјата да биде оставена на страна. Сепак, за тоа ќе треба време, а според моите проценки услови за надминувањето на спорот ќе има дури во втората половина на 2022 година и тогаш ќе треба да се искористи моментумот – додава Ѓорчев.
Соработка наместо историја
Слично мисли и Азам Даути од Институт за духовно и културно наследство на Албанците од Скопје, кој докторираше на културните односи во регионот, вклучително и на односите меѓу Македонија и Бугарија.
– Договорот за добрососедство е доволен за надминување на сите проблеми меѓу двете земји. Но, потоа се јави проблемот со историјата, што внесе низа на компликации во односите меѓу двете земји. Сега од Софија доаѓаат нови предлози за формирање на работни групи и тоа е добро. На Македонија и Бугарија им е потребна соработка во инфраструктурата, културна размена и зголемена трговија. На тие прашања може да се најде одговор, а историјата да се остави на историчарите – вели Даути, кој потенцира дека до 14 декември е речиси невозможно да се дојде до било какво решение на спорот.
Според тоа со што во моментов располагаме како информација, надежите дека до 14 декември ќе биде возможно било какво приближување на ставовите помеѓу Софија и Скопје, повеќе наликува на спин во контекст на обезбедување на ново парламентарно мнозинство, кое би се формирало со образложението дека на земјата ѝ е потребна стабилна и проевропска влада.