ДОГОВОРОТ „ФРОНТЕКС“ НА МЕКЕДОНСКИ ЈАЗИК, БЕЗ ФУСНОТИ Паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ, тврди СДСМ
Денешната одлука на Советот на ЕУ е уште еден доказ дека македонскиот јазик е признаен и заштитен и со чиста формулација ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ“ - се вели во соопштението на СДСМ.
Советот на ЕУ денеска ја усвои Одлуката Северна Македонија да го потпише Договорот за гранично управување, попознат како „Фронтекс“. Договорот наскоро ќе биде потпишан на македонски јазик, без фусноти и дополнителни објаснувања, соопшти вечерва СДСМ.
„Ова е прв официјален договор со ЕУ потпишан на македонски јазик. Со ова уште еднаш се потврди дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за наводно бришење на македонскиот јазик е само една обична лага. Пропаднаа сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ за наводна асимилација и бугаризација, за наводно загрозување на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Денешната одлука на Советот на ЕУ е уште еден доказ дека македонскиот јазик е признаен и заштитен и со чиста формулација ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Веста на Фејсбук ја сподели и премиерот Димитар Ковачевски, кој напиша дека со овој чекор македонскиот јазик и македонскиот идентитет добиваат исклучително важна потврда.