ДОДИК ВО МОСКВА НА 26. СРЕДБА СО РУСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ „Путин знае за сè што се случува во Српска“

Русија е гарант на Дејтонскиот мировен договор и тоа го кажа Путин на средбата, напиша Додик на Икс.

859

Претседателот на Република Српска Милорад Додик денеска во Москва се сретна со претседателот на Русија Владимир Путин.

„Само што имав средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Ова е наша 26-та средба“, напиша Додик на социјалната мрежа Х, каде што објави и видео од средбата со Путин.






Тој додаде дека Русија е многу важна земја за Република Српска, во рамките на Советот за безбедност на ОН. Нагласи дека Русија „отсекогаш била објективна“.

„Русија е гарант на Дејтонскиот мировен договор и тоа го кажа Путин на средбата. Тој додаде дека во тие рамки Русија ќе се залага за крај и прекин на работата на меѓународните институции, особено на лажниот висок претставник, односно, како што вели, нелегитимниот претставник“, објави Додик.

Тој напиша и дека „Путин ги знае деталите и севкупната ситуација што се случува во нашата земја“.

Судот на Босна и Херцеговина на 27 март побара од Интерпол да распише црвена потерница за Додик и за претседателот на Парламентот на РС, Ненад Стевандиќ, поради сомневање дека сториле кривично дело „напад на уставниот поредок на БиХ“.

Ваквото барање беше испратено откако и двајцата ја напуштија Босна и Херцеговина, избегнувајќи ги законски пропишаните процедури за гранична контрола, а по нив беше распишана централна потерница во Босна и Херцеговина.

Додик денеска демантираше дека побарал руско државјанство.

– Ниту побарав државјанство на Руската Федерација, ниту добив – изјави тој, откако некои медиуми објавија таква информација.

Поврзани содржини