ДОДИК ВЕЌЕ НЕ Е ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СРПСКА Откако му беше одземен мандатот, упати мистериозна порака кон Сараево
Централната изборна комисија на БиХ побара од надлежните полициски служби да им обезбедат заштита на своите членови, поради притисоци кои биле вршени врз нив пред донесувањето на одлуката.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) му го одзеде мандатот на претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик. Одлуката беше донесена едногласно на денешната седница, објави Данас.
Додик е правосилно осуден на 1 година затвор и 6 години забрана за вршење јавна функција. Според Изборниот закон на БиХ, манадатот му престанува секому што е осуден на затворска казна подолга од 6 месеци.
Одбраната на Додик има право на жалба до Апелационото одделение на Судот на БиХ, кое одлучува по изборни жалби. По завршувањето на жалбената постапка, одлуката ќе стане правосилна.
Потоа, ЦИК е должна во рок од 90 дена да распише предвремени избори за претседател на Република Српска.
„Уште едно сра*е од Сараево“
Пред седницата на ЦИК, Додик се огласи со порака:
„Уште едно сра*е од Сараево. Последно“, напиша Додик на мрежата Икс по одлуката на ЦИК.
Тој претходно најави дека, додека е претседател на РС, нема да дозволи да се одржат вонредни избори.
Членот на ЦИК, Суад Арнаутовиќ, изјави дека поради различните толкувања од страна на правните експерти се појавиле сомнежи околу постапувањето на ЦИК по пресудата за Додик.
– Ние носиме декларативна одлука врз основа на законските одредби. Како што е случајот со член 1.10 од Изборниот закон – кога некој ќе почине, даде оставка или ќе биде осуден. Ние постапуваме според силата на законот. Нема простор ЦИК да не ја спроведе оваа одлука – рече Арнаутовиќ.
ЦИК бара заштита на своите членови
Исто така, ЦИК побара од надлежните полициски органи да обезбедат заштита на нејзините членови поради притисоци што биле вршени врз нив пред носењето на оваа одлука.
Претседателката на ЦИК, Ирена Хаџиабдиќ, на денешната седница потврди дека е доделена полициска заштита на членовите Вања Бјелица-Прутина и на Јован Калаба.
Владата на Република Српска не ја призна пресудата против Додик
Од друга страна, Владата на Република Српска вчера ја отфрли и не ја призна второстепената пресуда на Судот на БиХ против претседателот Милорад Додик, нарекувајќи ја правно ништовна, неуставна и политички мотивирана.
Милорад Додик ја започна својата политичка кариера како член на Сојузот на комунисти во 1980-те години. Подоцна беше дел од Реформистичката партија на Анте Марковиќ, а потоа ја формираше партијата СНСД.
Беше пратеник во Народното собрание на РС во повеќе наврати, премиер од 1998 до 2001 година и од 2006 до 2010 година.
Од 2010 година трипати ја вршел функцијата претседател на Република Српска, со исклучок на периодот од 2018 до 2022 година, кога беше член на Претседателството на БиХ.