ДОДИК ПРЕДЛАГА ТРЕТ, ХРВАТСКИ ЕНТИТЕТ ВО БОСНА Предизвика лавина реакции и критики
Опозиционери во Бања Лука го оценија предлогот за трет ентитет како штетен и за самата Република Српска, бидејќи би го намалил влијанието на нивниот ентитет на државно ниво.
Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик предложи формирање трет ентитет во БиХ со цел заштита на политичките права на Хрватите, што предизвика лавина критики од бошњачка страна, пренесуваат босанските медиуми.
Додик со години се залага за реорганизирање на БиХ преку формирање трет ентитет и тврди дека тоа го сакаат мнозинството Хрвати и нивните политички претставници, кои сепак не се осмелуваат тоа јавно да го кажат.
Во понеделникот, откако се сретна во Бања Лука со претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, Додик повтори оти трајното решение е БиХ да се организира со три ентитета. Тој изјави дека Федерацијата БиХ треба да се подели на бошњачки и хрватски ентитет, кои би станале изборни единици, за никој да не може да се меша во изборните одлуки на припадниците на еден од двата конститутивни народа. Од друга страна, Човиќ не го спомена третиот ентитет, туку рече дека ХДЗ БиХ се залага за еднаквост на хрватскиот народ преку промени на изборниот закон и сака стабилна БиХ.
Од Сараево веднаш следеа жестоки реакции против предлогот на Додик. Министерот за надворешни работи на БиХ и лидер на НиП, Елмедин Конаковиќ, го оцени предлогот како провокација чија цел е пренесување на кризата од Република Српска во Федерацијата БиХ.
– Третиот ентитет е реален колку што е и отцепувањето за кое Додик лажел со години. Тоа ќе се случи – никогаш – изјави Конаковиќ.
Слично мислење имаше и Нермин Никшиќ, претседател на СДП БиХ и премиер на Федерацијата БиХ, кој порача дека нема да има дополнителни поделби на БиХ и дека во Федерацијата има простор за сите конститутивни народи и граѓани, за разлика од Република Српска каде што секојдневно има дискриминација.
Клучниот тест за политичкиот влијание на Додик ќе бидат предвремените избори за претседател на Република Српска на 23 ноември, каде што тој го поддржува својот соработник и поранешен министер за полиција, Синиша Карана, додека опозицијата го номинираше професорката од Електротехничкиот факултет во Бања Лука, Бранка Блануша.
Блануша го оцени предлогот за третиот ентитет како штетен и за Република Српска, бидејќи би го намалил влијанието на ентитетот на државно ниво.
„Зошто би ја намалувале вредноста на нашиот ентитет од половина на една третина? За чиј интерес?” – праша Блануша.