ДОДИК МУ СЕ ЗАКАНУВА НА НАТО Нека нѐ нападнат, ние ќе ги повикаме пријателите
Знам дека ниту еден Србин во вооружените сили нема да прифати воено да се ангажира против Република Српска. Верувам дека повеќето Хрвати не би го направиле тоа, рече Додик.
Членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик синоќа изјави дека во Република Српска се подготвени за вооружени конфликти во БиХ и дека во случај на такво сценарио, ќе ги повикаат пријателите да ги бранат.
– Доколку е потребно, ние ќе се браниме со нашите сили. Ако дојдат да кажат дека НАТО ќе интервенира, ќе побараме помош од нашите пријатели кои јасно и гласно ни рекоа дека тие никогаш не ги оставаат своите пријатели заглавени – рече Додик во интервју за РС Телевизија (РТРС).
Тој не објасни точно на кои странски пријатели мислел.
Додик претходно објави дека наскоро ќе му предложи на парламентот на РС закони со кои ќе се повлече ентитетот од одлуки со кои претходно беа формирани голем број државни институции на ниво на БиХ, како што се унифицираните вооружени сили, државните безбедносни агенции и судските органи.
Иако тој тогаш рече дека тоа ќе значи само „зајакнување на независноста на РС во рамките на БиХ“, тој сега изјави дека целта е всушност „мирно распаѓање“ и дека е убеден дека армијата на БиХ нема да реагира.
– Знам дека ниту еден Србин во вооружените сили нема да прифати воено да се ангажира против Република Српска. Верувам дека повеќето Хрвати не би го направиле тоа – рече Додик.
Останатите двајца членови на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, одговорија на сецесионистичките најави на Додик со предупредување дека практичната имплементација на таквите планови ќе доведе до одлучувачки одговор.
– Ако нема реакција од меѓународната заедница, државните сили (БиХ) ќе реагираат, по секоја цена, бидејќи за распуштање не доаѓа предвид. Нема да се дозволи отцепување ниту на педа на Босна и Херцеговина. Забраната за работа на државната полиција која се најавува од РС ќе биде чекор кој ќе произведе последици – стои во заедничката изјава на Комшиќ и Џаферовиќ доставена до медиумите.