ДОДЕЛЕНА Е ДРЖАВНАТА НАГРАДА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ Ја добија група автори за научното дело „Македонски дијалектен атлас“

170

 

Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година денеска им беше доделена на  група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно на проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова за научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотетката-лексички материјали)“.






На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија.

– Научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали), изработено од група автори,  ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија, туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој мошне значаен проект за македонистиката и за славистиката.  На добитниците на наградата им упатувам искрени честитки и им посакувам уште поголеми успеси и значајни научни достигнувања во иднина, потенцира министерката за образование и наука – рече Јаневска.

 

Министерката Јаневска нагласи дека државата има должност да создава услови за напредок на науката, истражувањето и иновациите и со тоа да помага во креирањето на глобалните позитивни промени. За Владата, како што рече, унапредување на националниот научно-истражувачки екосистем е еден од програмските приоритети и во изминатите неколку месеци, значително е подобрен третманот на науката и на високото образование, преку зголемени инвестиции, но и преку јакнење на регулативата која ги уредува овие области.

– Прв наш чекор во таа насока беше изработката на Предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност – стратешки документ кој долго време недостасуваше во креирањето на релевантни политики.  Сега работиме на нови законски решенија за високото образование и научно – истражувачката дејност, кои треба да обезбедат повеќе права и можности за засегнатите. Дел од вас присутните се вклучени во процесот на нивно креирање и очекувам до крајот на годината да ги имаме новите закони – рече Јаневска.

Во однос на расположливите средства за наука, истражувања и иновации, таа изрази благодарност до сите владини членови, кои, како што рече, поддржаа да издвоиме и усвоиме најголем буџет досега, кој изнесува 680 милиони денари, и речиси двојно е поголем од ланскиот.

 

– Започнавме со негова распределба. Веќе се објавени три конкурси за финансирање на национални научно истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и проекти изработени во партнерства со бизнис заедницата, со фокус на исполнување на целите од Стратегијата за паметна специјализација.  Преку трите конкурси ќе се доделат 376 милиони денари, па еве, денешнава е уште една добра прилика да ги повикам сите научници и истражувачи, како и компании посветени на науката и истражувањата, да креираат и да аплицираат со иновативни проекти, посочи министерката Јаневска.

Според неа, овие мерки се дел од нашата визија за модерна, отворена и конкурентна држава, заснована на знаење, иновации и наука.

– Ќе продолжиме со уште посилен фокус и посветеност кон создавање услови за научен развој и меѓународна соработка – најави Јаневска.

 

Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ академик Живко Попов им го врачи признанието на годинашните добитници. Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која истакна дека авторите на овој атлас претставуваат пример за сплотеност и соработка меѓу Интитутот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистка (ИЦАЛ) при МАНУ.

Добивањето на ваква престижна награда, како што рече, обврзува да работиме уште посплотено и да покажеме дека тимската работа поткрепена со индивидуална одговорност е вистинската формула за успех, не само во лингвистиката, туку  во сите сфери.

– Народот што сам се цени, си го цени најпрво сопствениот јазик, јазикот на кој ги обликува своите мисли и чувства, а потоа ги учи другите јазици. Наш јазик е македонскиот и за нас тој е најубавиот и најбогатиот јазик – потенцира Лаброска.

Поврзани содржини