Додека Милошевиќ ја ограбуваше Македонија со безвредните српски динари, Глигоров беше против воведување македонска валута

„Топчидерски динари“ пливаа и на пазарите на Македонија. Со возила на ЈНА, полни со неограничени износи на динари, доаѓаа од Србија и ги прибираа и онака дефицитарните девизни средства (германските марки), скапоцени метали (злато) и други важни стоки, недоволни за домашното население, туркајќи ги цените секој ден до невидени височини. А Киро Глигоров во тој период беше против монетарното осамостојување.

6,276

На Киро Глигоров не му се брзаше. За тоа имаше многу настапи во парламентот. Како што веќе потсетив, таков бил во целата негова кариера. Најчесто практикувал да се изјасни меѓу последните. Успеваше да го скроти мнозинството во парламентот, наведувајќи, главно, две причини кои станаа дневна мантра на целиот тогашен државно-политички врв.

Првата: „Судбината на Југославија сé уште не е решена, треба да сториме сѐ таа да се сочува“. Наспроти веќе опишаната фактичка состојба. Таа мантра се повторуваше дури и тогаш кога на просторот на Хрватска веќе започна крвавиот пир (летото 1991 година), според  планот „Б“ на Слободан Милошевиќ – план за  поголема Србија на сметка на Хрватска и на БиХ. Планот за исправка на „неправедните“ граници кои на Србија ѝ ги скроиле Тито и некои други сили, политички спакуван како одбрана од „нов геноцид над Србите“, кои мора да се заштитат од „хрватските усташи“ и од бошњачките „исламски фундаменталисти“.






Втората причина, која Глигоров и другите од врвот ја повторуваа како уште поголема мантра, гласеше:  „Доколку избрзаме и нам може да ни се случи војна“! Ова им беше најсилното оружје.

Можеше ли, во тогашните околности, на Македонија да ѝ се „случи“ војна?

Многу луѓе би рекле (и рекоа) дека е добро да не се брза, да се биде претпазлив. Тоа е особина на мудрите луѓе. Особено е уверливо ако на тоа инсистира еден искусен (познат) политичар во поодминати години, во време кога една погрешна одлука може да има големи последици. Уште повеќе, ако се работи за предупредување од потенцијална војна. За мала нација, опкружена од поголеми од неа, плус негирана, нема посилен аргумент. Затоа, повеќе жолчни дебати, започнати со намера да се забрза процесот на осамостојување, да не се потклекне пред барањата на Грција, побрзо да се поднесе кандидатурата за прием на Македонија во ОН, завршуваа со заклучокот: „Да го овластиме претседателот…“ Иако „овластувањето“ можеше секој да го разбира различно.

Можеше, ако самите се почувствувавме толку силни и ако државните органи извршеа напад врз некоја соседна држава! Ако со нашите „големи воени сили“ се упатевме да го „враќаме назад“ она што ни било земено со Букурешкиот договор. Сите други приказни на таа тема (во тој период), на Глигоров и најблиските со него, им служеа за сеење дневно-политичка магла: затскривање на личното  двоумење: дали тоа да се стори; дали ќе се „намести“ некоја друга варијанта за нешто што  и натаму може да го нарекуваме Југославија, а сепак тоа да може да го „голтнат“ Македонците – што појасно ќе се види понатаму во текстов.

Да бидам фер, неколкуте клучни луѓе во Владата на Никола Кљусев не беа за такво одложување на одлуката за осамостојувањe. Но, фактот што биле група (со Глигоров) која уште пред изборите меѓусебно и потајно си распоредувала функции и без да учествуваат на изборите и самото сознание колку, во дадениот момент, нивниот опстанок во Владата е зависен од влијанието на Глигоров, ги скротуваше нивните импулси (како Влада), за „истрчано“ и неусогласено со Глигоров носење на владини одлуки и иницијативи до парламентот.  Згора на тоа, пак, со секој изминат ден, таа „експертска влада“ стануваше сѐ поничија, сѐ до моментот додека јавно – на седница на парламентот,  токму за прашања поврзани со осамостојувањето, не влегоа во конфликт со Глигоров, па така „тиквата“ меѓу нив сосема се расцепи.

Глигоров и Андов слушале гласини, го читале Шешељ и правеле „анализи“

Како Глигоров и државниот врв ги анализирале „заканите“ од можна војна во Македонија?

Нема поилустративен пример за тоа од напишаното од Стојан Андов, во едно од изданијата на Фокус. Да се потсетиме!

Господинот Андов во тој период беше претседател на парламентот. Според протоколот на државата, втор човек во неа – што значи дека на располагање ги имал сите материјали (информации, анализи) од нашите безбедносни и разузнавачки служби, со втиснат печат за највисок степен на тајност.

Сепак, тој објаснува: „Во тие денови се слушнаа гласови од средбата меѓу Милошевиќ и Мицотакис. (Се слушнале „гласови“?) Милошевиќ му предложил на Мицотакис, Грција и Србија да си ја поделат Македонија“. Па, продолжува Андов: „Воислав Шешељ изјави дека ќе испрати две дивизии да ја среди Македонија…

„Загрижени од тие гласини“, како што вели Андов, на замолница од Глигоров, тој заминал во Франција „да ја провери сериозноста на гласините“ (во врска со средбата Милошевиќ – Мицотакис), зашто знаел некого од порано што „можел  да го замоли да ни помогне тоа да не се случи“. Ете, така, Андов и Глигоров слушнале „гласини“, прочитале изјава од Шешељ и решиле да ја проверат нивната сериозност.

Вториот човек во државата, кој според Уставот во пропишани ситуации го заменува претседателот на државата (Андов), не се повикува на ниту една информација/анализа од нашите безбедносни служби (полициски, воени), туку на гласини и изјави на будали што се редовен фолклор во секоја земја. На такви гласини се повикува, ги третира како релевантни знаци за загрозеност на нашата република, но не се повикува на гласните шепотења во белградските кругови – ни за тоа не знаеме дали добиле информација од  нашите разузнавачки служби – за вистинскиот состанок, што веќе го спомнав, што е одржан уште на 26 март 1990 година, само два месеци по распаѓањето на СКЈ, на кој српскиот државен и политички врв заклучил:

„Во евентуалниот распад на земјата, смета(ме) на единство со Црна Гора. Македонија нема да ја молиме. Ако она моли, ќе мора да се извини за гревовите спрема жртвите од Првата светска војна (кои ги смета за окупатори)…“ А знаеме дека во тоа време, како главна закана ни се посочуваа наводните апетити на „северниот сосед“, кој може да ја искористи ситуацијата што дел од ЈНА сѐ уште е во Македонија.

Зошто соседите на Македонија би се конфронтирале секој против секого?

Да се потпираа на анализи од безбедносните служби (и доколку такви беа правени), господинот Андов веројатно ќе користеше аргументи од нив, а не „гласини“ без извор и фолклорни изјави во борбата за власт во една држава. Зошто Милошевиќ би презел таков чекор кон Македонија? Како би го оправдал тоа? Ќе се повикал ли на Букурешкиот договор од 2013 година, по сѐ што се случило потоа? Би сметал ли дека отворањето воен фронт против Македонија би му помогнало во остварувањето на плановите за анектирање територии од Хрватска и од БиХ – неговата главна цел? Би ги користел ли истите аргументи и за Македонија, како оние  за Србите во БиХ и во Хрватска – во кои, во првата тогаш живееја 37 % Срби од нејзиното вкупното население, во втората 12 %, во прилично хомогенизирани етнички средини, наспроти раселените 3-4 % во Македонија?  Ќе пронајдеше ли доволен број „самоорганизирани“ Срби во Македонија што би кренале востание за да се одбранат од „геноцидните“ Македонци?

Да се потпираа на анализи (факти) за можна агресија врз Македонија ние би прочитале – ете, и од Андов! – зошто и со кои аргументи Грција би влегла во авантура за освојување нови делови од Македонија, која најмалку 100 години е фокусирана како да ја избрише историјата на тлото на Егејска Македонија и сите траги од Македонците во нејзиниот сегашен северен дел. Би прочитале зошто Бугарите, по првиот „романтичен чекор“ кон нивниот Санстефански сон (одвојувањето на Македонците од Србите, односно „Србославија“, според нивните националисти) веднаш би покажале нестрпливост за окупација на Македонија (покрај својот внатрешен хаос од падот на комунизмот и разводот со Русија) и би провоцирале нова Балканска војна? Би прочитале и за тоа зошто на Албанија, или, ете на Албанците во регионот, во виорот на настаните на Косово, токму тогаш би им одговарало (и да имале сила за тоа) да посегнат по територии од Македонија,  за реализација на „вечниот“ проект за „Голема Албанија“?

Како на сите наведени би им било од полза да тргнат во  конфронтација секој со секого и со силните западни држави, коишто безброј пати повторија дека постоечките републички граници се  границите на раздвојување меѓу конституентите на СФРЈ и дека не поддржуваат нивно насилно менување.

Се разбира, можеше да има и анализи колку безбедноста на Македонија е загрозена од внатрешниот распоред на силите, токму поради одолговлекувањето, или евентуалното од одбегнување на осамостојувањето на Републиката.

Наместо од анализи од наведениот вид, нашето високо државно раководство безбедносни заклучоци влечело од „гласини“, од изјави на Шешељ, Драшковиќ и слични. Го изнесувам ова, но знам дека ништо од ова не вреди за оние што ја „спасија“ Македонија од војна и нивните „зилоти“.  Но, ете, колку да не остане неспомнато.

Меѓутоа, од сѐ што непосредно доживував тогаш и од нештата што потоа стануваа појасни, признавам, with the hindside (што би рекле Англичаните), всушност, можев да заклучам дека вистинските ставови и намери на Глигоров си ги знаел само тој: ни премиерите што соработуваа со него, ни господинот Андов, ни тогашниот министер за надворешни работи (си дозволувам да кажам без да го прашам за тоа) професорот Денко Малески. Ако не друго, не ги знаеле во соодветниот момент.

Штетите од одолговлекувањето на осамостојувањето беа огромни

Имавме ли штета од одолговлекувањето на одлуката за осамостојување на Македонија?

Сигурно, не е мал бројот на оние што би рекле: „голема работа, шест месеци или година дена подоцна или порано – биле, та не биле!

Дали?

Инфлацијата во тој период беснееше. Рушеше светски рекорди. Ги „убиваше“ сиромашните, ги „гореше“ тешко заработените заштеди на нискиот и на средниот слој граѓани.  Ја произведуваше целиот систем, но во тоа најмногу помагаше однесувањето на српското раководство – со големо предничење во минирањето на  мерките и одлуките на сојузната влада. „Топчидерски динари“ пливаа и на пазарите на Македонија. Со возила на ЈНА, полни со неограничени износи на динари, доаѓаа од Србија и ги прибираа и онака дефицитарните девизни средства (германските марки), скапоцени метали (злато) и други важни стоки, недоволни за домашното население, туркајќи ги цените секој ден до невидени височини.

Згора на тоа, како што спомнав погоре, Србија во тој период (ноќта помеѓу 25 и 26 декември 1990 година) го изуми дотогаш непознатиот феномен во историјата на економијата – именуван како „упад во монетарниот систем“ на својата држава, вршејќи кражба на 18 милијарди и 242 милиони динари, или 1,8 милијарди долари, и од оние на кои ултумативно им наметнуваше заедно да изградат „цврста федерација“. За да исплаќала плати на своите работници и за да купува вредни стоки од сите подрачја на Југославија за динари кои следната недела не вредат ни половина од вредноста на денот на плаќањето.

Поттикнат од горенаведеното (и од многу други примери), неколку месеци пред воведувањето на „боновите“ како сурогат за претстојната македонска валута, денарот, од говорницата на Собранието ги прашав членовите на Владата на Македонија, на чело со премиерот Кљусев: „Што правиме со монетарното прашање? Што чекаме“? Се погледнаа меѓу себе, одговор не добив.

И еве една вистинска анегдота во врска со ова. Недела дена потоа, Глигоров, гостин-соговорник во саботната пладневна емисија на починатиот новинар Ѓорѓи Варошлија. Познатиот новинар го прашува: „Претседателе, некои (без да ме именува) го покренаа прашањето на монетарното осамостојување на Македонија, воведувањето на домашна валута“. „Реформаторот“ Глигоров испалува како топ: „Тие што го бараат тоа, ја научиле првата лекција од економијата, но не ја научиле втората“. Па додава дека воведувањето сопствена валута бара располагање со доволно количини девизни средства за да се брани девизниот курс на домашната валута. А нашите, во моментот, објаснува, се минорни – помалку од 50-тина милиони германски марки.

Следната сабота, господинот Варошлија ме кани мене во истата емисија. Започнува: „Господине Гошев, минатата сабота мој гостин соговорник беше претседателот Глигоров. Го прашав, тоа и тоа, ми одговори вака…“ На тоа, јас му одговорив: „Оној што рекол така, не ја научил ни првата лекција од економијата“. Епилог: по неполна половина година (26 април 1992 година) премиерот Кљусев, од собраниската говорница го промовираше воведувањето на „бонот“ (при истата количина државни девизни резерви), како средство за плаќање во Македонија, а беа усвоени и некои мерки за соборување на инфлацијата. Инфлацијата набргу потоа почна да паѓа и престана пљачкосувањето однадвор на нашите девизи и на другите важни стоки преку безвредните „топчидерски динари“.

Каква Југославија сакаше Глигоров?

Сеењето страв од војна и во Македонија, одложувањето побрзо да се комплетира правниот систем на земјата, дополнително ја ширеа несигурноста за живот во Републиката. Извршениот попис на населението на Македонија во 1991 година покажа дека бројот на жителите изнесува 2.033.946. На повторениот во 1994 година, 1.936.877 – помалку за 97.087. Осамостојувањето го дочекавме со формулацијата: „Законите на СФРЈ се применуваат како закони на Република Македонија до нивната замена…“

Во досега изложеното, редоследно ги наведовме главните одлуки на триото СХС (Србија, Хрватска, Словенија) до изборот на Глигоров за претседател на (Социјалистичка) Република Македонија и еден дел потоа. Уште со оние до неговиот избор, пред неговото доаѓање во Македонија, видовме дека сите три републики, де факто и де јуре, веќе се беа откажале од Југославија. Го разграбуваа заедничкото, вршеа меѓусебни кражби, ги подготвуваа, еден по еден, сите правни акти за самостоен живот. И дека партијата што му ја даде на Глигоров членската карта со бројот 0001, многу пред неговото доаѓање во Македонија, го имаше депонирано ставот дека и само без една република, Македонија нема да остане во никаков остаток. Но, и тоа дека по неговото доаѓање на функцијата, тој став веќе не се изустуваше.

Беше евидентно дека трите републики веќе не можат заедно. Но, беше евидентно дека Глигоров вложува големи напори да се најде решение за спас на југословенската асоцијација, исто како и најразвиените западни држави, на чело со САД – последниве плашејќи се од непредвидливи геополитички поместувања и можна крвава граѓанска војна. Во рамките на неговите напори за опстанок на Југославија, тој ја претстави и платформата што ја изготвиле со Алија Изетбеговиќ, без оглед што настаните на „теренот“ беа веќе далеку пред нејзината содржина.

Јас не се сомневам воопшто дека тој искрено сакал да опстане Југославија. Сакав и јас, често мислејќи на еден познат афоризам – само будалите ги прекинуваат врските, паметните ги преуредуваат. Но, беше јасно, уште пред да стапи на функцијата претседател, дека будалите го поведоа орото во Југославија и дека нема кој да ги изгони. Беше одлично информиран, беше позната неговата лукавост, но некои постапки што ги преземаше, не само што не го исклучуваа туку и го наметнуваа прашањето: дали Глигоров, од некои причини, работел и чекал момент за вклопување на Македонија во некоја друга варијанта – во некоја скратена асоцијација, скратена, или како што велеа Србите, „крња“ Југославија?

(Во следното продолжение: Референдумското прашање беше договорено меѓу Глигоров и Милошевиќ)

Љубчо сонуваше конфедерација со Бугарија и со Грција, Бранко веруваше во Југославија, а Глигоров матеше со Изетбеговиќ

Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!

Србија прва ја напушти Југославија, а ние патевме од комплекс на помала вредност и од вазалски сентимент кон Белград

После АСНОМ ни ги зедоа граѓанските права, а во 1991 година сакаа од Македонија да направат бановина!

 

Поврзани содржини