Додека Македонија гради зелени коридори, ЕУ воскреснува советски сеништа

Сенка на Форумот фрли еден од заклучоците со кој се поздравува ревитализацијата на еден стар советски гасовод Транс-Балкан (или Вертикален коридор) изграден во далечната 1988 година. Тоа е истиот гасовод од кој Македонија до пред 2020 година добиваше руски природен гас преку Украина, Молдавија, Романија и Бугарија, со крак до македонската граница.

610

Над 100 високи претставници од влади, регулатори, оператори на преносни системи и индустрија се собраа минатата недела во Виена на 20-тиот Форум за гас на Енергетската заедница, со кој претседаваше Европската комисија. Учесниците ги поддржаа координираните пазарни реформи како витални за меѓусебно поврзан гасен преносен систем отпорен на енергетски шокови како оној од 2022-2023 година.

Централен фокус на Форумот беше итната потреба од целосно спроведување на мрежните правила за гас на ЕУ од страна на Договорните страни на Енергетската заедница и на секој интерфејс со земјите-членки на ЕУ.






Овие мрежни правила ги интегрираат гасоводните мрежи и интерконекторите во единствен пазар на ЕУ, создавајќи стабилни цени и непрекинати текови.

Досега, нивната примена надвор од границите на ЕУ беше на доброволна основа. Но, според Регулативата (ЕУ) 2024/1789, земјите-членки мора да ги применат на своите надворешн граници до август 2026 година – временска чувствителна шанса за усогласување со соседите на Енергетската заедница.

Со оглед на тоа што земјите-членки сега се обврзани, Договорните страни се соочуваат со истиот императив. Очигледен е и одреден напредок кај Договорните страни: Молдавија, Србија и Македонија напреднаа во раздвојувањето и сертификацијата на своите оператори за пренос на гас, додека Украина направи значителни чекори пред отпочнување на војната на своја територија. Сепак, учесниците на Форумот нагласија дека целосната имплементација е клучна за европската отпорност.

Форумот повика на акција за изградба на почисти гасоводни системи без да се загрози безбедноста на снабдувањето. Учесниците повикаа на интегрирање на обновливи гасови, намалување на емисиите на метан и подигнување на стандардите за квалитет на гасот низ целиот регион.

Сепак, сенка на Форумот фрли еден од заклучоците со кој се поздравува ревитализацијата на еден стар советски гасовод Транс-Балкан (или Вертикален коридор) изграден во далечната 1988 година. Тоа е истиот гасовод од кој Македонија до пред 2020 година добиваше руски природен гас преку Украина, Молдавија, Романија и Бугарија, со крак до македонската граница.

Како што објаснија ЕУ-пјаните: „Oптимизирањето на постојната инфраструктура се појави како уште еден приоритет, бидејќи Европа ги преиспитува рутите на цевководите и фосилните горива. Неодамнешна студија на Енергетската заедница покажала дека со прилагодување на тарифите, трошоците за транспорт од грчкиот терминал за течен природен гас (LNG) Ревитуза (близу Атина) до Украина преку Транс-Балканскиот гасовод би можеле да се намалат за 43%, правејќи ја рутата конкурентна во однос на алтернативите. Со комерцијално реални количини, гасоводот би можел да испорача 2,1 милијарди м3 природен гас годишно, што е повеќе од двојно од годишната побарувачка на Молдавија – додека ќе се генерираат речиси 100 милиони евра дополнителни приходи за операторите. Освен зголемувањето на отпорноста на европскиот пазар, отклучувањето на овој коридор е клучно за стратегијата за складирање на природен гас во зимскиот период за Украина додека истата се соочува со војна на своја територија“.

Морам да укажам дека студијата на Енергетската заедница не спомнува ништо за извршени обемни технички испитувања (со „MFL“, Ултразвучни методи и др.) како потврда за техничката исправност на Транс-Балканскиот гасовод, ниту пак дава осврт на потребните финансиски средства за негова ревитализација кои секако треба да влезат во тарифите, трошоците за транспорт.

Многу независни експерти од гасната индустрија проектот веќе го оценија како економско промашување, односно дека истиот ѝ служи на Унијата само како геполитички памфлет против Русија.

Станува збор за контроверзен проект чиј економски век е одамна истечен, а животниот век на гасоводот е полн со неизвесности. Имено, само во последните години неколку инциденти од голем обем се имаат случено во меѓународниот транзитен систем на Бугарија: во 2021 година дел од гасоводот долг 20 метри беше оштетен од експлозија во близина на селото Ветрино, Варна-Бугарија, во 2020 година експлозија се случи на транзитниот гасовод Бугарија-Грција во областа Кулата во Бугарија, а претходно имаше експлозии во Странѓа во 2014 година година и Калековец, Горска Полјана во 2011 година, што ги истакнува моменталните ограничувања на меѓународниот транзитен гасен систем на Бугарија и потребата од големи инвестиции, кои веќе месецов ги започна самиот бугарски преносен оператор – Булгартрансгаз.

Од друга страна, Македонија во јули годинава ја започна изградбата на гасниот интерконектор со Грција (наша алтернатива на Вертикалниот коридор) во должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино. Интерконекторот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди м3 гас годишно, со можност да се зголеми до 3 милијарди м3. Станува збор за цевковод кој ќе биде изграден од специфичен челичен материјал кој покрај природен гас ќе биде во можност да транспортира и 100% водород. Постојните гасоводни мрежи во ЕУ (чија вкупна вредност се проценува на 260 милијарди евра) вклучувајќи го и Вертикалниот коридор можат во реални услови да транспортираат мешавина на природен гас со максимален микс на водород до 10% (во експеримантални услови до 20% ). Пренамената на гасоводната мрежа наместо природен гас да пренесува водород, ќе ја чини германската економија дополнителни 30 милијарди евра.

Декарбонизацијата е столбот на енергетската унија и поставените цели на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2040 година. Според проценката на влијанието, водородот треба да има клучна улога за ублажување на процесот на декарбонизација на тешката индустрија и транспортот, со производство од 20 до 35 милиони тони (Mt) водород добиен од обновливи извори на енергија до 2040 година, во зависност од избраното сценарио. Ова би претставувало 10% од финалната побарувачка на енергија на Унијата, зголемувајќи го процентот на најмалку 16% до 2050 година, демонстрирајќи ја фундаменталната улога што ќе ја игра во енергетската транзиција завземајќи речиси една петтина од пазарниот удел.

Сите сме свесни на итната потреба од намалување на емисиите на стакленички гасови, при што денес е императив да ги замениме фосилните горива со одржливи алтернативи. Во светлината на најновите достапни научни сознанија и потребата од засилување на глобалната акција за клима, гледаме дека ЕУ маргинално, со празни зборови и ветувања, ја поддржува целта за постигнување климатски неутрална ЕУ до 2050 година, во согласност со целите на Парискиот договор.

На крај не би должел повеќе, но би поентирал на констатацијата дека додека ЕУ се шлепа на стари и неодржливи советски инфраструктурни проекти, Македонија гради проекти наменети за иднината!

Поврзани содржини