📷 ДОДЕКА ЕДНИ СЕ ЖЕДНИ, ДРУГИТЕ СЕ ЛАДАТ СО ЦРЕВА Водовод фати скопјани како нерационално ја трошат водата
Контролори фатиле граѓани како ја злоупотребуваат водата на најтоплите денови, следуваат мерки и намален притисок во делови од градот.
И покрај многубројните апели за разумно и рационално користење на водата во периодите на високи температури, како и информациите за зголемена потрошувачка на водата упатени до граѓаните, Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ регистрирало голем број граѓани што вршат нерационално користење на водата.
Од претпријатието велат дека нивните контролори, кои секојдневно се излезени на терен, забележале нерационално користење на водата на булеварите „Никола Карев“, „Македонско-косовска бригада“, „Јане Сандански“ и „Христо Татарчев“, како и на улиците: „Прохор Пчински“, „Стојко Јовановски“ бр. 98, „Костурска“ бр. 3, „Хаџи Јован Шишков“, „Бутелски венец“, „Методија Митевски“, „Ресенска“, „Вашингтонска“, „Нов живот“, „Рилски конгрес“, „Црниче“ и „Леринска“.
Акцијата, како што велат од ЈП „Водовод и канализација“, ќе продолжи и во наредниот период, со цел заштита на водата за пиење од злоупотреба и нерационално користење.
„Врз основа на податоците на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје рационално да ја користат и употребуваат водата за пиење, односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворни површини, улици и непотребно трошење на водата за време на топлите денови“, велат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека ваквата енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, а како последица на сето тоа, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.