ДОБРОВОЛЦИ ОД РОГАЧЕВО ПОМОГНАА ВО ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРОТ ВО ЈАЖИНЦЕ Утринава повторно се разгоре, гори и пожарот во Јасен
Пожарот утринава се разгорел во делот којшто гледа кон Шар Планина. Ангелов верува дека пожарот може да биде ставен под контрола до крајот на денот заедно со другите активни пожари.
Со лопати, стапови, гранки во рацете и светилки на главите седуммина доброволци од Рогачево заедно со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, пожарникари, полициски хеликоптери… храбро и по полноќ се бореа со големиот пожар кој го зафати селото Јажинце, општина Јегуновце, а кој вчера повторно се реактивира.
– Благодарение на четата на Цветко од Рогачево со овие храбри луѓе успеавме да изгасиме една цела линија во текот на ноќта, а некаде е околу 1 и 30 по полноќ. Го гасевме пожарот кој ќе се симнеше сигурно до патот и ќе направеше големи неприлики. Ви благодарам од мое име и од името на Дирекцијата за заштита и спасување – вели во видеото директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, појаснувајќи дека околу три часот по полноќ била совладата целата лева огнена линија во должина поголема од километар.
Вкупно 5 пожари на отворен простор се регистрирани до 12 часот денеска, од кои активни се два, а изгаснати се три пожари, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“, Општина Македонски Брод, каде е зафатена мешана шума и пожарот помеѓу селата Рогачево и Јажинце, Општина Јегуновце, каде горат пасишта и мешана шума.
Ангелов во пладневната изјава од саботата, 16 август, вели дека на магистралниот пат од Тетово кон Јажинце се поставени возила кои можат да го сопрат огнот доколку се прошири до патот. Пожарот утринава се разгорел во делот којшто гледа кон Шар Планина.
Ангелов верува дека пожарот може да биде ставен под контрола до крајот на денот заедно со другите активни пожари.
Изгаснати се пожарите покрај патот Тетово – Гостивар каде гореше ѓубриште, во село Врановци, Општина Врапчиште каде гореа ниска вегетација и ливади и во село Матејче, Општина Липково каде беше опожарена ниска вегетација и стрниште.