Доброто зло

829

Некако со умисла подолго време ја „заобиколувам“ културата, кадешто де факто ништо не се случува. Штама! Или – се случува многу, ама сето тоа е толку катастрофално лошо, некултурно, апсурдно театрално и во основа дилетантско, што безмалку е бесцелно и да се размислува за оваа област на духот кај Македонецот. Којшто впрочем и го нема, нели! Духот или Македонецот? Не знам, не сум сигурен. А сепак, и духот и Македонецот се п(р)ојавуваат одвреме навреме, некогаш како сеништа, често како кловнови, а вообичаено како неми набљудувачи на реалноста.

Ако образованието (преку разните професорски, студентски и средношколски „форуми“) и културата (низ редица перформанси, акции и масовно учество) беа базичните енергенси во украдената „Шарена револуција“ којашто (без оглед дали некој сака тоа да го признае или не) ѝ стави крај на груевистичката „заробена држава“, денес токму тие се најригидните елитни „СД“ единици на социјалдемократскиот „хибриден режим“. Што влева длабока сомнеж во нивната вистинска природа и намери, но и нивните чесни демократски определби.






Зашто, речиси веднаш по онаа 2017 година, или само година дена подоцна, тие здушно ископаа – сега свои – ровови околу новата власт и се укопаа во нив да не може збор да прелета. И тоа трае до денес.

Или погледнете го само интелектуалниот происход на најголемиот дел на керберите на власта кои секојдневно лаат во јавниот простор и сѐ е многу, многу појасно. Секоја нивна реченица, секој настап, шири реа на потплатена поддршка на актуелното владејачко зло, апсолутно идентично – ако не и полошо – со претходното. Коешто беше, нели, омразено, криминално, коруптивно, лажливо… Ама ова е, демек, доброто зло!?

Дали во тоа се крие тајната на ваквиот континуиран марш на овие „интелектуално образовани“ подземни македонски сили? Во одбраната на – доброто зло? И има ли навистина злото две лица, па згора едното да е – добро? И ќе се обидат ли и во тоа да нѐ убедат? Се разбира, само ако добро ги платат. Ако во режимот на „заробената држава“ можевме, со право, да говориме и за „заробена култура“, дали денес, во „хибридниот режим“ се пројавува доброволно заробената или самозаробената култура? Веројатно, зашто „доброто зло“ не заробува, тоа – самозаробува.

И тоа е можеби најдобрата дефиниција за состојбите во македонската култура денес, кадешто, парадоксално, не можете да ја обвините власта/државата за состојбата на заробување туку единствено нејзините културни поданици заради самозаробување. Што пак ќе рече дека македонската култура очигледно беневолентно – и садомазохистички, by the way – ужива во статусот на (само)заробеник, во одземената слобода да мисли, делува, постои. Инаку, како да се објасни оваа штама во македонската култура?

Ние денес, барем во културата, дури не можеме да ја обвиниме државата за некакви синџири на налудничавите „протоколи“ – оние во стилот на она жално дете од Психијатриската болница Демир Хисар – што некои лудаци секојдневно ги проектираат во земјава за да го задржат хаосот како нормална состојба. Духот викан култура во земјава одамна се самозаврзал, се вратил во (само)заробената состојба на покорноста, на самопонижувањето и самонавредувањето, сѐ со цел да му се додвори на „доброто зло“ за некое сребрениче повеќе.

Таа состојба денес веќе ги допира небесните височини, се извишува до непојмливиот за културата зенит – до срамот за човечкиот дух, до парадоксот на творецот, до заложништвото на културниот актер. Самозаробената македонска култура доброволно ги подаде рацете за прангите, си го плати билетот за пеколот и сега ужива во него.

Зашто, како инаку да ги „читате“ оние ноторно имбецилни манифестации на помирување дури и со културната банда од „лошото зло“ на груевизмот, или со дивеењето на разноразни шутраци во јавниот културен простор кои себеси се гледаат како легенди на македонската култура, па онаа збирштина од бивши уличари кои жарат и палат по македонската „културна“ сцена? Како да ги гледате – освен како спој на „доброто“ и „лошото“ зло – оние криминалци кои држат јавни малоумни „беседи“ и доделуваат награди на полумписмени „ѕвезди“, оние гревчиња инфлуенсер(к)и кои се гледаат себеси дури и како уметници…?

Каде, во кој ров отиде онаа фамозна „независна сцена“ и нејзините „лидер(к)и“ премачкани со сите бои на злото кои учествуваа во подготвувањето на онаа фрлена в кош Национална стратегија? Каде се оние „независни стручњаци“ кои учествуваа во подготовката на новиот закон за јавен интерес во културата, сега заклучен во некоја фиока? Кого лажеа тогаш, кого лажат сега? Па тие и од „СК 2014“ направија свое милениче! Го направија културна престолнина на Европа!?!

Во оваа преоблечена реалност на македонската култура овие сега ги слават „успесите“ на „доброто зло“, им аплаудираат на шарлатанине по селскине фестивали кои на странците им пеат песнички, ги воспеваат „мудрите“ одлуки и водството на оваа бандитска власт. Се осилија и локалните клонови на Берија и Џугашвили и тие му „објаснуваат“ на светот кој е кој во Македонија. Не се најде ниту еден глас меѓу филмскиот свет во одбрана на правото на Манчевски, ниту пак некој кој би се вклучил во „перформансот“ на Бојаџи и Милошевски пред Агенцијата за филм?

Македонската култура, а впрочем и целото македонско општество, како да е дојдено до степенот на налудничаво преиспитување на фундаменталното прашање: што е добро а што зло? Но тоа е само привид: македонската култура одамна не се занимава со суштински прашања. Неа не ѝ пречат криминалци и незнајковци, таа ја прифати како своја и рамна на себеси целата оваа неписмена и неспособна банда културни профитери кои во нејзино име ја резилат низ регионот и светот. Прифати сѐ: од неспособни „мамини и татини“ ќеркички и синчиња до партиски џуџуња на директорски позиции, од лажни демократи до „демократски“ лажговци, од кловнови во „експертски“ куси панталони до џепчии како владини миленичиња…

И сето тоа за фрапантно кусо време, речиси за нецела година од бомбастично најавуваните реформи до воведувањето на тотален културен мрак во државата. Македонската култура не смогна сили да проговори ни за идентитетскиот и културниот предизвик од источниот сосед, ниту пак за „врамувањето“ во некаква евроинтегративна Прокрустова постела. Страотен, на самата граница на веројатноста, е молкот на македонската култура за егзистенцијалните прашања: законитоста во културата, правото и правдата, неисполнувањето на стратешките обврски, континуираното назадување и професионална деградација…

И речиси е неверојатно дека нема сила во неа којашто може да предизвика пресврт, да ги фрли прангите на протоколите и да ги исфрли на улица семејните и партиските профитери.

Извор: Теодосиевскиуметност

Поврзани содржини