ДОБРО УТРО НАСТАВНИЧКЕ! Се сеќавате ли кога учениците им стануваа на наставниците?
Порано, кога наставникот или наставничката ќе влезеа во училница, учениците стануваа и ги поздравуваа со добро утро, добар ден, довидување… Зошто оваа пракса исчезна, што мислите вие на оваа тема?
Деновиве на социјалните мрежи во соседството почна дебата за тоа дали учениците треба да станат кога наставник или професор ќе влезе во училница или не. Некои се за станување, други се против, на некои им е сеедно, па решивме да провериме како стојат работите кај нас. Оваа дилема ја поставуваме и пред нашите читатели, но и пред просветните работници.
Наставничката по македонски јазик, Катерина Аницин вели дека оваа пракса, учениците да стануваат кога наставникот или наставничката ќе влезе на час функционирала до пред една-две генерации ученици, значи, до пред 15-16 години, но дека денес е вистинска реткост.
Таа никогаш не настојувала на ова, па им ја препуштала одлуката на учениците, да прават како ќе им дојде, но додава и дека ретко им доаѓа.
Наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп вели дека во неговата училница нема правило за станување кога влегува наставникот, но има правило за поздравување (добро утро, добар ден, догледање, пријатен ден, убав викенд).
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.