„ДОБРО ПЛАТЕНИ АКТЕРИ СЕАТ СТРАВ И ЗБУНЕТОСТ ПРОТИВ ЕУРОМАКС“ Живко Груевски вели дека употребата на цијанидот е забранета со закон во Македонија
Според мене, се работи за една навистина добро организирана хибридна активност, блендирани економски и политички интереси, концентрирани и подготвени во и надвор од нашата држава, а спроведени од неколкумина добро мотивирани, добро платени актери, кои што имаат задача да го спроведат тоа и да сеат страв, да сеат една збунетост кај народот, изјави Груевски.
Од компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ го честитаа Денот на рударите и дадоа признание за макотрпната работа на сите рудари, но истовремено потсетија и на, како што велат, организираната хајка и напад против рударскиот сектор во Македонија. Директорот за комуникации и односи со јавноста во Еуромакс, Живко Груевски, во Дневникот на ТВ Сител изјави дека перманентните напади врз рудникот Иловица – Штука се резултат на добро организирани хибридни активности и платени „актери“ кои имаат за цел со лажни информации да сеат страв и паника кај населението.
– За жал, овогодинешното прославување на Денот на рударите означува една организирана хајка и организиран напад против рударската индустрија во нашата држава, нешто што започна како организирана хајка под слоганите „Рудници на смртта“ и „Спас за југоистокот“. Започна уште во втората половина на 2016 година во Гевгелија, Валандово, Струмица и кулминира овие денови во една хистерија во јавноста околу т.н. „Рудници на смртта“. Според мене, се работи за една навистина добро организирана хибридна активност, блендирани економски и политички интереси, концентрирани и подготвени во и надвор од нашата држава, а спроведени од неколкумина добро мотивирани, добро платени актери, кои што имаат задача да го спроведат тоа и да сеат страв, да сеат една збунетост кај народот – изјави Груевски.
Иловица е рудник од 21 век и претставува „role model“ на рударски комплекс со највисоки стандарди за работа и заштита на животната средина.
– Небулозен е слоганот „Рудници на смртта“ кој што го користат еко-активистите, затоа што и ние сме против екогеноцид, против загадување на почвата, подземните и надземните води и против уништување на земјоделието, против цијанид и други токсични материи – вели Груевски, кој уште еднаш повтори дека проектот за изградба на рудникот „Иловица“ е пример како треба да изгледа современ рударски комплекс кој ги применува сите најмодерни рударски стандарди за заштита на животната средина и здравјето и ќе ги применува сите најнови технологии.
– Жалам што во последно време извесен број политичари, политички фактори, локални тела и за жал некои претставници од црквата кои јавно агитираа, подлегнаа на овие хибридни активности и сеење дезинформации, но не е крај на светот. Ние и понатаму ќе продолжиме да ја кажуваме вистината и ќе продолжиме да работиме трпеливо и транспарентно и сигурен сум дека ќе успееме народот да нѐ сфати. Овие мои претходно критички зборови против еко-активистите никако не смеат да се разберат дека се генерален атак на граѓанскиот еко-активизам во целина, а уште помалку на граѓаните кои што реагираат и ги поддржуваат ваквите одлуки против рудниците. Ги разбирам, тие се искрено загрижени и збунети од овие дезинформации – вели Груевски.
Во гостувањето, Груевски одговарајќи на прашање за технологија која би се користела во рудникот, истакна дека цијанид и други штетни материи нема да се користат при експлоатацијата бидејќи се работи за современ рудник со најмодерен технолошки процес, а дополнително со последните измени на Законот за минерални суровини употребата на такви материи е забранета.