„ДОБРИ ЛУЃЕ“ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛ Документарецот зборува за пожарот во Кочани преку гласот на преживеаните
„Добри луѓе“ зборува за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 во кој загинаа 63 млади луѓе. Филмот им дава платформа на преживеаните и на тивките херои.
Долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал на 16 август. „Добри луѓе“ ќе се натпреварува во Официјалната селекција за награди на фестивалот, кој е најреномиран во Југоисточна Европа.
Манчевски го сними овој филм во знак на почит кон жртвите и хероите од Кочани.
Како беспоштедна, но воздржана медитација за тагата, борбата за опстанок и човечката солидарност, „Добри луѓе“ зборува за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 во кој загинаа 63 млади луѓе. Филмот им дава платформа на преживеаните и на тивките херои. Тие не се симболи, туку луѓе – ранливи, но силни, издржливи и длабоко реални.
– Мојата прва мисла беше за жртвите, преживеаните и хероите, за тоа како никој од нас не може целосно да ја почувствува големината на оваа болка. Сакав да ги слушнеме најзасегнатите, да им дадам глас на добрите луѓе. Почнавме да ги снимаме уште веднаш, само еден месец по трагедијата. Тоа беше најмалку што можевме да понудиме како знак на огромна почит и солидарност. Овој филм е нивен. Ние бевме таму само за да дадеме поддршка, да ги пренесеме нивните зборови, мисли, искуства и емоции. Како филмаџии, ние сме школувани да работиме со материјалот, да го водиме, да го вајаме, но јас решив дека нашата работа во овој филм ќе биде да се повлечеме во втор план. Дискретно ја обликувавме приказната за таа трагична ноќ, без какви било одвишни синеастички интервенции. Оваа спартанска, минималистичка техника е нешто што го доближува гледачот до доживеаното искуство. Овој филм е како книга – зборовите се многу важни. Една од пораките е да бидеме подобри едни кон други, да го препознаеме доброто во луѓето со кои живееме. Им должиме голема благодарност и на „Сапорт Кочани“, кои ѝ помагаат на заедницата и многу ни помогнаа во реализацијата на овој филм – вели Манчевски.
Светската премиера се одржува на Сараевски филм фестивал – најзначајниот фестивал во Југоисточна Европа – кој секоја година привлекува повеќе од 100.000 посетители. Минатата година, Сараевскиот фестивал од Американската академија за филмски уметности и науки го доби статусот „квалификациски филмски фестивал за Оскар“. Тоа значи дека добитникот на наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар долгометражен документарен филм автоматски се квалификува за влез во трката за номинација за наградата Оскар. Дел од фестивалот се и регионалниот копродукциски пазар CineLink, програмите Talents Sarajevo и Documentary Rough Cut Boutique.