Добредојде со попуст до 20 отсто за српските туристи во хотелите

Сѐ уште е неизвесно дали српските туристи ќе ги користат државните патишта во земјава бесплатно.

2,413

Српските туристи сигруно ќе можат да престојуваат во хотелите во туристичките центри со попуст од 10 до 20 отсто, од мај до крајот на годината, но дали ќе можат да ги користат автопатиштата бесплатно и да користат бесплатен паркинг во туристичките градови сѐ уште не се знае.

Премиерот Зоран Заев најави дека српските туристи ќе бидат ослободени од плаќање патарини на патувањето низ земјава како благодарност за вакцините. Тој рече дека ќе им се даваат картички на сите возила со српски регистарски таблички, но не кажа во кој период би се реализирала активноста. Дополнително и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка Љупчо Јаневски побара хотелиерите, угостителите, како и општините и институцииите од културата поврзани со туризмот да обезбедат попусти или бесплатен паркинг и бесплатен влез во музеите за овие туристи.






Од Јавното претпријатие за државни патишта кое стопанисува со патарините иако слушнале за предлогот на премиерот, нѐ упатија во владата за повеќе инфромации.

Оттаму, пак, рекоа дека допрва ќе се разлгедува предлогот во владините институции посебно економскиот тим.

– Мерката е предвидено да се реализира  во летниот период – мај  јуни јули и август кога српските туристи ќе дојдат во нашата земја. Ќе се даваат вињетки на секое возило на српските државјани на граничните премин – рече  Заев вчера како одговор на наше прашање.

Тој додаде дека сегашните пресметки се однесуваат на 35.000 српски граѓани колку што ја минале границата лани односно вкупен трошок од 700.000 ерва.

– Трошокот е 20 евра за патарина пати 35.000 туристи. Но, ќе се прават дополнитлени пресметки за бројот на туристи од претходните години и ќе се види колку ќе биде. Имаме време до мај да ја донесеме оваа одлиука – рече Заев.

Владата планира да ја покрие загубата на јавното претпријатие за државни патишта за оваа мерка.

Засега сигурно е дека хотелиерите ќе им дадат попуст од 10 до 20 отсто за престој на српските туристи и тоа во периодот од мај до крајот на годината.

– Уште минатата недела се договоривме да дадеме попусти за туристите од Србија како благодарност на српскиот народ за вакцините. Попустите ќе се реализираат од мај до крајот на годината и за  новогодишните празници. Во мај и јуни попустот ќе биде 20 отсто, а во јули и август доколку има поголем број на туристи и ако капацитетите бидат исполнети попустот ќе изнесува 10 отсто. Потоа до крајот на годината ќе биде 20 отсто – вели претседателот на хотелската асоцијација Крсто Блажевски.

На ваков начин, додава тој, се очекува да се зголеми бројот на српски туристи во земјава, кој во последните години расте.

–  Српските туристи сите информации околу попустите ќе можат да ги добијат на вебсајтот на ХОТАМ и хотелите поединечно – додава Блажевски.

Хотелиерите размислуваат и за попусти и на другите туристи, но во каков пакет ќе бидат тие дополнително ќе одлучат.

Засега се воздржани угостителите кои лани и од почетокот на годината делумно работеа и не се сигурни дали ќе работат во периодот кога ќе почне туристичката сезона.

Од Туристичко-угостителската комора на Сојузот на стопански комори пак велат дека секоја фирма  ќе реагира според можностите.

– Претпријатијата од туристичко-угостителскиот сектор согласно можностите се трудат да креираат што поповолни понуди за да може да привлечат што повеќе гости. Она што нѐ изненадува е тоа што директорот на АПП наместо да ги остварува надлежностите и да организира сериозна кампања за промоција на нашата држава во светот како безбедна дестинации за одмор со цел да се спаси престојната туристичка сезона, се впушта во креирање на комерцијални политики на приватните субјекти – велат од ТУК.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски смета дека преку обезбедување попусти во хотелите, рестораните, како и бесплатните влезници во музеи и бесплатниот паркинг во општините, дополнително ќе се мотивираат српските туристи да престојуваат во земјава.

– На овој начин ќе се овозможи нивна посета во градовите и поголем број остварени ноќевања, со што ќе се помогне на туристичкиот сектор во РС Македонија. Токму затоа се повикани и локалните самоуправи во рамките на нивната можност да помогнат на туристите при нивниот престој во дестинациите – вели Јанвески.

Агенцијата, додава тој реализира и субвенционирање на странските туристи кои престојуваат преку туроператорите и за различни дестинации предвидените субвенции се различни што исто така не претставува проблем при третирањето на туристите и дестинациите.

– Македонија создаде зелени коридори со Албанија, Косово, Србија, Црна Гора за брз трансфер на патници и слободно патување без потреба на ПЦР тестови со што очекуваме поголем број туристи од регионот во 2021 година. Агенцијата подготви и ѝ предложи на Владата дополнителни стимулации за домашните туроператори кои ќе ја продаваат нашата дестинација на домашни туристи, стимулирајки ги да создадат конкурентни аранжмани за Македонија и нив да ги понудат на регионалните и на домашните туристи – вели Јаневски.

Се обидовме да добиеме одговор и од општините и музеите во туристичките општини кои треба да обезбедат бесплатен паркинг и бесплатен пристап до музеите за српските туристи, но нивните телефони денеска останаа затворени.

Во 2019 година земјава  ја посетиле 59.567 туристи и се  остварени 106.103 ноќевања,  додека лани имало 11.517 туристи и се остварени 25.109 ноќевања.

Поврзани содржини