ДОБРА ЗАБАВА И МУЗИКА НА ДОЧЕКОТ НА 2025 ГОДИНА ВО РАСАДНИК Кисела Вода испиша прекрасна „Скопска новогодишна приказна”
Од срце ви благодарам што сте тука со нас, споделувајќи ја оваа магична новогодишна ноќ. Заедно да броиме до нови успеси и светли моменти. Среќна нова година, честиташе синоќа градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Под насловот „Скопска новогодишна приказна,“ синоќа пред салата Расадник, Општина Кисела Вода организираше незаборавна новогодишна прослава, која собра илјадници жители од Кисела Вода и од Скопје, соопшти локалната власт.
– Настанот почна со настапот на „Куку леле“ и под водство на харизматичниот Игор Џамбазов, кој настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“ Програмата продолжи со енергичните „ДНК“, на кои им се придружи Врчак, кој по 15 години пауза повторно се врати на музичката сцена. Вечерта кулминираше со настапот на популарниот Лозано, кој заедно со публиката ја дочека Новата година – соопшти Општина Кисела Вода.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, се обрати кон присутните граѓани непосредно пред полноќ, упатувајќи им искрени новогодишни желби:
– Драги жители на Кисела Вода и Скопје, оваа вечер ви ја посветуваме вам и на радоста, љубовта и сплотеноста што ја носи Новата година. Ви посакувам добро здравје, лична и семејна среќа и уште многу успеси. 2025-та година да биде година на поубави можности и остварени соништа! Од срце ви благодарам што сте тука со нас, споделувајќи ја оваа магична новогодишна ноќ. Заедно да броиме до нови успеси и светли моменти. Среќна Нова година! – честиташе градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со заедничко одбројување, огномет го осветли небото над Кисела Вода, додека публиката со пееше, играше и се забавуваше со изведувачите, се додава во соопштението.