ДОБИТНИЦИ СЕ СЛАВЕ ЃОРГО ДИМОВСКИ И РАДМИЛА ЛАЗИЌ Врачена е наградата „Книжевен жезол“

106

На поетот Славе Ѓорѓо Димоски и српската поетеса Радмила Лазиќ денеска им беа врачени наградите „Книжевен жезол“ за 2025-та кои традиционално ги доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во рамки на поетската манифестација „Празник на липите“. Наградите на лауреатите им ги врачија претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на ДПМ, Живко Гроздановски.

За творештвото на Славе Ѓорго Димовски (Велестово, 1959) говореше Зоран Јакимовски, кој го истакна придонесот на наградениот поет и преведувач во македонската литература, уште со неговата прва поетска книга „Гравири“ во 1979 година, како и со иницијативата за основање на „Поетска ноќ во Велестово“ која, рече Јакимовски, е поетска и културна метропола.






– Зборуваме за еден од корифеите на современата македонска поезија, поет кој има голем и далекосежен влог во неа и без кој таа не би била комплетна и на онаа високо вреднувана позиција во балканската и европската книжевност на која се наоѓа сега – рече Јакимовски, додавајќи дека Ѓорго Димовски е „врвен естетичар и маг на поетското  перо“.

Заблагодарувајќи се за наградата, Славе Ѓорго Димовски истакна дека е почестен бидејќи наградата му ја доделува еснафот – Друштвото на писателите на Македонија.

– Еснафот и вашето присуство ме ставаат веќе во некои митски рамки. Сум добивал многу награди, и за животно дело, и за посебни книги, поединечни изданија, но кога еснафот те одликува и те вреднува, тоа е посебно задоволство –  истакна Димовски.

За творештвото на српската поетеса Радмила Лазиќ (Крушевац, 1949) се осврна академик Катица Ќулавкова, која рече дека е инспирирана од неа и ја следи нејзината поезија од првата до последната стихозбирка. Како што рече, Лазиќ е врвна поетеса не само меѓу живите и во овој, 21 век, туку „веројатно по Десанка Максимовиќ е најдобрата поетеса на српското јазично подрачје“. Посочи и дека Радмила Лазиќ е „пресвртна точка во современата српска поезија“ затоа што во нејзиното творештво „не се среќаваат вообичаените поетски канони“.

– Таа е еден вид реформатор, придвижувач, човек кој, со голема почит кон традицијата, сака да внесе нешто ново и преку поезијата да каже нешто битно за животот и за меѓучовечките односи … Таа се буни против лажната примена на моралните норми и лажните идеали во провинцијалниот ум што владее насекаде во светот … таа е на некој начин и феминист и го покажала тоа и со многу нејзини општествени активности, и во поезијата на некој начин ја брани позицијата на жената – рече академик Ќулавкова.

Откако го прими „Книжевниот жезол“ од претседателката Сиљановска-Давкова, поетесата Лазиќ изјави дека е прекрасно што  признанието го добива од жена и оти тоа „не е случаен знак и сѐ случува по некоја виша сила“.

– Се заблагодарувам многу, Македонија е мојата љубов и втора татковина. Тука ми се најдобрите пријателки, некои од нив си заминаа, а добив и нови. Имам околу себе вистински жени, слободоумни и се радувам поради тоа -, истакна Лазиќ.

Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ)  Живко Гроздановски во воведното обраќање на свеченоста истакна дека со оваа манифестација Скопје е во редот на светските метрополи и дека од 1997, кога станала меѓународна манифестација, поети од над 20 земји го добиле признанието „Книжевен жезол“.

Гроздановски во обраќањето посочи дека интенција на ДПМ е да се доосмисли оваа манифестација со нејзино поврзување со животната средина и тоа да биде „повик за будење и израз на отпор или револт за да се издејствуваат суштински промени во однос на околината“ од кои, рече, зависат нашите животи.

Поврзани содржини