ДОБАР ПОЧЕТОК ЗА ЛАЗАРОВ И РАКОМЕТАРИТЕ Македонија подобра од Бахреин на отворањето на турнирот
Македонските ракометари со стабилна игра во второто полувреме ја оправдаа фаворитската улога и успешно го стартуваа турнирот во Швајцарија.
Победа на стартот на „Јелоу куп“ забележаа македонските ракометари, кои на отворањето на турнирот го совладаа Бахреин со 32:28 (15:13). Во дуелот од второто коло, закажан за утре со почеток во 17:45 часот, македонската репрезентација ќе се соочи со селекцијата на Украина.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров во првиот дел постојано имаа водство, а на полувремето резултатот беше 15:13. На почетокот од второто полувреме Бахреин го имаше и единственото водство на натпреварот (20:19), но тоа беше сигнал за подобра игра на македонските ракометари, кои со серија погодоци стигнаа до предност од пет гола – 29:24.
Лазаров на овој натпревар им даде шанса на сите ракометари, со цел да ја провери формата и ротацијата на тимот.
Во првиот натпревар од турнирот, домаќинот Швајцарија убедливо ја совлада Украина со 38:27.