Стотици членови на навивачката група „Комити“ се упатени кон црквата „Свети Спас“.
„Нека разберат клетите Татари, македонско име нема да загине“, грмат „Комитите“, порачувајќи „Чиста Македонија“.
По завршувањето на официјалниот дел од честувањето на 151-годишнина од роденденот на македонскиот револуционер, во црквата „Свети Спас“, почест на Гоце Делчев му оддаваат граѓаните.
– За официјалниот дел на чествувањето делегациите мора да бидат пријавени, бидејќи само така можеме да воспоставиме ред и да превентираме било каква активност која ќе значи дејствување спротивно на она што сите го посакуваме. Затоа е направен распоред, имаме воспоставено систем, така што прво ќе бидат официјалните делегации, како што било секогаш досега, а во текот на денот ќе може било кој сака да се поклони. Во текот на официјалниот дел нема да може да има спонтано доаѓање, бидејќи таква е организацијата, поради повисокото ниво на ризик од претходно – појасни синоќа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за „360 степени“.
За 13 часот е најавено доаѓање на тричлена владина бугарска делегација на гробот на Делчев. Бугарските медиуми информираат дека и 150 бугарски државјани се тргнати кон Скопје, но поради колапс на системите на граничните премини, тие веќе трет час чекаат на Деве Баир.