До средината на јануари конечно треба да се распределат рамковните кои седат дома и земаат плата

На 5 јануари планот ќе се достави на Влада за усвојување по што ќе се подготват решенија за упатување за сите прераспределени административци во рок од 7 дена. Административците ќе бидат распределени во сите државни институции каде што има слободни места согласно нивната систематизација и нема да има ниту една финансиска импликација, вели за Плусинфо првиот вицепремиер Артан Груби.

532

Веднаш по Нова година на владина седница ќе треба да се усвои планот за распределба на рамковно вработените кои седат дома и земаат плата и до средината на јануари тие конечно да почнат да работат. Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби за Плусинфо потврди дека на 5 јануари Владата ќе го разгледа планот за распределба на административците според програмата К-5 и дека за седум дена тие веќе ќе треба да бидат на своите работни места. Станува збор за околу 1.000 административци. Ова ќе значи дека конечно по повеќе од 10 години, рамковно вработените ќе почнат да работат.

– На 5 јануари планот ќе се достави на Влада за усвојување по што ќе се подготват решенија за упатување за сите прераспределени административци во рок од 7 дена. Административците ќе бидат распределени во сите државни институции каде што има слободни места согласно нивната систематизација и нема да има ниту една финансиска импликација, напротив, ќе се заштедат буџетски средства преку распределбата, наместо ново вработување со нови средства. Десетици вработени веќе се распределени претходно во изминативе три месеци – изјави Груби.






Според првиот вицепремиер, веќе на 60 рамковно вработени им се зголемени платите. Тие првично биле вработени со средно образование, но во меѓувреме дипломирале и со новите решенија сега земаат значително повисоки плати. Сепак, Груби не открива колу плата земаат 60-те административци кои добиле решенија за вработување со високо образование.

Административните службеници ќе бидат распоредени во органите на локалната и државната управа, како и во другите државни тела. Оваа категорија на вработени ќе биде систематизирана во институции кои вршат активности од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита и заштитата на децата, спортот, како и во други активности од јавен интерес утврдени со закон, во агенции, фондови, институции и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општини, од Градот Скопје, но исто така и од општини во градот.

Законот за систематизација на административните службеници вработени преку програмата за правична и соодветна застапеност, Програма К- 5 минатата недела беше донесен во Собранието, по што најдоцна во рок од 15 дена Министерството за политички систем треба на Владата да ѝ предложи план за распределување на тие вработени.

Според Законот, ако некој од рамковно вработените кои седат дома и примаат плата, двапати одбие да биде распределен во некоја од институциите, ќе му биде раскинат работниот однос. Ова значи дека и според планот на Груби не значи дека сите околу 1.000 рамковно вработени административци до средината на јануари ќе почнат да работат. Тие што сега ќе го одбијат работното место ќе имаат уште една шанса за прераспределба, пред конечно да бидат избришани од листата на вработени.

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири неодамна изјави дека би сакал за сите вработени кога ќе се подготви програмата за префрлање да се има предвид и нивната професионална подготовка и локациите од каде доаѓаат.

– По подготвување на списокот, тие што нема да прифатат, според нацрт-законот, ќе се префрлат во трансфер-листата на Министерството за информатичко општество. Во таа трансфер-листа ќе се понуди и втора опција, но ако не го прифатат и тоа, ќе се раскине работниот однос на тие што нема да го прифатат и вториот предлог – изјави тогаш Шаќири.

Сепак, новиот закон за распределба на рамковно вработените дава надеж дека конечно ќе се стави крај на деценискиот проблем на административците кои седеа дома и земаа плата и кои сиот овој период оправдано наидуваа на жестоки критики од јавноста.

Впрочем ваков начин на вработување на административци кои како бројка фигурираа дека се вработени и што е позначајно земаа плата а не придонесуваа за општеството, не е познат никаде во светот. Според пресметките, над 8 милиони евра државата издвојува секоја година за рамковно вработените кои седеа дома.

Од друга страна, коментарите пред сѐ, на аналитичарите Албанци беа дека Владата е виновна за таа категорија граѓани што сѐ уште немаат работни места и дека на тој начин се дискриминираат и деградираат тие административци бидејќи не се во можност професионалнао да се докажат, дејствуваат и да напредуваат.

Поврзани содржини