„ДО ОВОЈ МОМЕНТ МЕШАЊЕТО НА РУСИЈА ВО НАШИТЕ ИЗБОРИ Е МНОГУ ПОМАЛО ОД ПОРАНО“ Пендаровски очекува мали разлики меѓу двајцата што ќе влезат во вториот круг
Стево Пендаровски, актуелен шеф на државата, кој се трка за уште еден петгодишен мандат на претстојните претседателски избори во интервју за МИА вели дека зад себе има мандат без дамки и смета дека тоа го препознаваат мнозинството од граѓаните. Тој вели дека учествува на изборите не само за да биде дел од трката, туку за да победи. Тој вели дека реалните анкети покажуваат дека македонските граѓани во мнозинство се задоволни од она што се случувало во претседателскиот кабинет изминативе пет години.
Во врска со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за фалсификување документ, зад кој стојат Ковачевски и Пендаровски, заедно со израелскиот медиумски стратег Асаф Еисин, Пендаровски вели дека тој нема поим за каков документ станува збор, ниту учестувал во такво нешто, ниту му паѓа на памет тоа да го стори, а за Израелецот вели дека го видел еднаш во животот и дека со него нема никаков договор.
– Знам дека излезе, меѓутоа не знам колку е автентичен тој документ. Не знам. Значи, ниту сум имал удел во таква работа, ниту ми паѓа на памет да го работам тоа. Она што го знам јас во делот на анкетите и тоа се анкети кои главната опозициска партија нема многу мерак да ги кажува во јавноста дека анкетите се сосема обратни од онаа позиција, ситуација и бројки кои тие ги соопштуваат на македонската јавност. Значи, нивната позиција и како партија за парламентарните избори, но и позицијата на нивниот кандидат за претседател воопшто не е сјајна. И веројатно на тоа се должат овие неверојатни конструкции кои јас мислам рационален човек при здрава свест не би можел да ги направи ни да сака. Значи, израелскиот, тој експерт што го спомнуваат јас сум го видел еднаш во животот како дел од многуте фирми ПР-експерти, кои работат во таа област, кои ги нудат своите услуги. Беше, замина, со кого имал договори претходно, не знам. Со кого ќе има од денес натаму не знам. Меѓутоа, со мене нема никаков договор кажав јасно и гласно. За сето време на мојот мандат пари од буџетот на претседателот нема да бидат дадени за анкети, за пропаганда, за плаќање какви било експерти. Така што со тој човек никогаш не сум потпишал, ниту имам намера да потпишам каков било документ, ниту да му давам пари на црно. Просто, јас тоа не го правам. Меѓутоа, не сум сигурен дека главната опозициска партија особено на изборите 2020 не го правеше тоа баш со истиот човек – вели Пендаровски.
Тој смета дека мали ќе бидат разликите меѓу првите двајца кои ќе влезат во вториот круг, а во однос на прашањето чии гласови очекува доколку влезе во вториот круг, нагласува дека не верува во т.н. пренос на гласови.
– Никогаш не сум верувал во таа работа. Значи, дури и да имате вие најдобра намера мене да ми ги дадете вашите гласови од прв круг или обратно, не верувам дека тоа можете да го направите бидејќи низ 33-34 години како независна држава мислам дека македонските граѓани созреаја во таа смисла, дури мислам за 99 отсто од нив кога така би им се обратиле би сметале дека ги навредувате. Тие многу добро знаат за кого би гласале или едноставно би апстинирале – изјави Пендаровски.
Во однос на барањата на албанските партии шефот на државата да се бира во Собрание, Пендаровски вели дека не се согласува со тој став и оти претседателот со сегашните надлежности, кои извираат од директен избор од граѓаните има многу поголема морална сила или поткрепа.
– Не мислам треба сега партиите да ги укинеме или да ги ставиме на страна затоа што станува збор за претседател кој треба да биде претседател на сите граѓани. А дали ќе биде понатаму зависи од личноста. Колку вие независно од тоа кој ве бирал и ве гласал ќе бидете независни и во однос на него. Јас на тоа инсистирам, конечно и покажав со сосема конкретни акти – вратив неколку закони, поставив вето на закони кои беа изгласани од парламентарното мнозинство кој мено мене ме поддржуваше, и сега ме поддржува после пет години. Така што не мислам дека е тоа хендикеп. Мислам дека треба само добра поставеност на претседателот, јасен концепт и визија за тоа што е добро за граѓаните не само за партиите и суспензивното вето ви го даваат, минимум суспензивното вето ви го дава тоа право и таа привилегија – смета Пендаровски.
Но сепак тој не го искористи тоа право на вето во однос на измените на Кривичниот законик, кои пак предизвикаа реакции во јавноста и доведоа до застарување на голем број предмети од кои повеќето отворени од поранешното СЈО. Некои овие измени ги нарекоа тивка амнестија. А зошто не го искористил правото на вето во овој случај, Пендаровски вели дека информациите што ги имале од Парламентот биле дека сигурно има и премолчена согласност на опозицијата и оти токму опозицијата направила кворум. Додава дека и власта и опозицијата биле согласни дека такво нешто треба да се усвои.
– Во изминативе три години Бугарија направи неверојатна стратешка грешка прво кон македонскиот народ, подоцна кон целата наша држава. Значи, просто не можете со 19-то вековна реторика да очекувате дека ќе направите простор за подобри билатерални односи. Нивното однесување беше неевропско, недемократско, точка. Ако продолжат и понатаму, сега гледам веќе закажуваат нови избори, не знаеме кој ќе биде понатаму на тие избори. Ако продолжат со истата реторика, истата политика кон нас не може да очекувате дека ние од тука ќе речеме добро, во ред е, ќе се согласиме на сѐ што барате, бидејќи 99 проценти од бугарските барања се небулозни, 99 отсто од нивните барања се тежок национализам. Еден процент се Бугарите во Устав што не мислам дека е некоја посебна проблематична ситуација, некоја греда зошто не би можеле да имаме покрај седумте народи и делови од народи кои ги имаме во Уставот – вели Пендаровски.
Според неговите сознанија, а и коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека будно ќе ги следат изборите и евентуалните странски мешања, нагласува дека засега нема такви индиции. Вели некакви помали обиди постојат од ентитети, кои, пак се поврзани со, како што вели, малигни актери поврзани со Русија.
– Меѓутоа, морам да ви кажам до овој момент мешањето на Русија во нашите избори е многу на пониско ниво отколку што беше на пример за мојот прв избор во 2019 или не знам за референдумот 2018, бидејќи Русија немаше никаков интерес Македонија да стане членка на НАТО. Досега мојата претпоставка е дека тие се комплетно апсорбирани со сите ресурси што ги имаат во таа сфера со инвазијата што ја направија во Украина. Сега се обидуваат да му контрираат на западниот наратив за нивната илегална војна во Украина. Не се премногу посветени на Балканскиот регион – нагласува Пендаровски и додава дека тие обиди можеби ќе се засилуваат со приближување на првиот, а особено на вториот изборен круг.