До кога Египќаните во Македонија ќе бидат игнорирани и маргинализирани?

Египќаните не се соодветно и правично застапени во институциите. За нив не важи Охридскиот рамковен договор, бидејќи нема ниту еден деклариран Египќанец, кој е вработен во согласност со одредбите и духот на овој договор.

1

Припадниците на посебната и автохтона етничка заедница Египќани во Македонија денес се соочуваат со многу предизвици, од кои најтешкото е да се зачува посебноста и автохтоноста на оваа ранлива, маргинализирана, дискриминирана и неинтегрирана етничка заедница. Тоа е така, затоа што, наоѓајќи се во една состојба на маргинализираност, стереотипност, институционална неинтегрираност, е предмет на асимилаторски дејствија на одредени центри на моќ, кои сакаат и имаат интерес да биде асимилирана ова посебна и автохтона етничка заедница, и практично да исчезне од мултиетничката карта на една унитарна и мултиетничка држава, каква што во суштина е Македонија.

Загрижуваат утврдените факти и аргументи, дека Египќаните не се соодветно и правично застапени во институциите, за нив не важи Охридскиот рамковен договор, бидејќи нема ниту еден деклариран, а вработен Египќанец, согласно одредбите и духот на горенаведениот договор, нема фер шанса за мојот народ Египќаните. Дополнителна отежнувачка околност е фактот дека ова етничка заедница е маргинализирана, сегрегирана, неинтегрирана и крајно дискриминирана.






Од друга страна, Египќаните се лојални граѓани на Македонија, мирољубиви, трудољубиви, си ја сакаат и си ја почитуваат својата единствена татковина Македонија. Денес, за жал, не можеме нашите деца да ги запишеме како Египќани во основно училиште, во средно и на факултет, што е недезволиво во 21 век, а тоа значи и грубо кршење на основните човекови права и слободи.

За да се надминат овие проблеми, побаравме средба со претседателката на државата, Проф.Д-р Гордана Сиљаноска Давкова, но за жал, до ден денес нема никаков одговор за средба, ниту поддршка од страна на претседателката, која инаку беше масовно поддржана од страна на Египќаните во 2019 и 2024 година, кога се кандидираше за претседател на државата.

Имаме чуство како да сме игнорирани од нејзина страна, како да нема интерес за оваа категорија граѓани. Се надеваме дека ќе се одважи на нашето легитимно барање и ќе не повика и ќе ни помогне, бидејќи таа е претседател на сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и Египќаните.

Во овој процес, искра надеж ни дава премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски, кој ги вклучи Египќаните во коалицијата „Твоја Македонија“ и се залага за заедништво и развој на демократските вредности. Таквиот, пред сѐ пријателски и сочуствителен пристап на премиерот Мицкоски, дава искра надеж дека ќе се подобрат состојбите кај припадниците на етничката заедница Египќани.

Дозволете ми да ја истакнам и големата поддршка која ја добиваме од градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, кој ги интензивира интегрирачките процеси кај мојот народ – Египќаните, за што сме му многу благодарни.

Клучното решение за надминување на горенаведените проблеми со кои се соочуваат Египќаните е нивно спомнување во Преамбулата на Уставот, и оттука ја бараме поддршката на сите релевантни политички и демократски сили. На тој начин се отвара можноста за инклузивност во општеството, нешто што ѝ е насушно потребно на нашата заедничка татковина Македонија, за да се обезбеди напредок и траен мир, еднаквост, рамноправност, развој на демократските процеси како и економски напредок.

Македонија силна, Mакедонија вечна!

Авторот е дипломиран правник, лидер на Независната граѓанска иницијатива „Коалиција на Египќани“

Поврзани содржини