До кога Бујар Османи ќе ја срами Македонија?

На 4 февруари, ако не им се забрани влез на овие докажани национални шовинисти, можен е сериозен инцидент. Софија ќе направи сѐ за тоа да се случи. Затоа, најдобро би било ако на граница им се забрани влез на провокаторите.

1,549

Да ви кажува некој како се однесува „нашиов“ министер за надворешни работи, Бујар Османи, во никој случај нема да верувате. И, навистина е за неверување. Замислете, во Охрид се случила некоја кафeанска тепачка, Софија прави циркус од настанот, бидејќи натепаниот нарко дилер е од нивниот фашистички клуб и, иако е наш државјанин, спектакуларно го носат со воен авион на лекување во Бугарија…

Османи, пак, без да чека било каков извештај од МВР, оди во Софија, за да го посети натепаниот! За да нема недоразбирања, изјавува дека нему му е доволно што натепаниот и неговата мајка рекле дека инцидентот се случил бидејќи тој се изјаснил за Бугарин! Кај се институциите, Османи, кaj е државата? А, што очекувал тој? Дека натепаниот и мајка му ќе кажат дека тоа било наркодилерско недоразбирање?






Во целина, со своето несреќно патување во Софија, Османи им даде основа на Бугарите да прават циркус од настанот, што и се случува. Со тоа, тој призна и наша вина, и наша омраза. Неговата прес конференција со Милков и ТВ интервјуто во Софија се нов срам за Македонија, а разменетите ноти околу настанот се само наше ново дно.

Нормално, и нашата амбасадорка во Софија била веднаш викната во нивното МНР заради протест и нема сомневање дека таа со трчање отишла. Впрочем, ако нејзиниот шеф, министерот, итал во Софија, за да им се поклони на бугарските национални шовинисти, што остана за неа?

Од лично искуства ќе посочам како се постапува во вакви и слични прилики, за што е потребна и само здрава логика, иако е важно и основно познавање на дипломатијата.

За време на службувањето во Тирана (1998 – 2002), имаше инцидент на границата и беше убиен албански државјанин. Во тоа време, илегалните премини од нивна страна беа масовни заради шверц и криминал. Се зборуваше дека украле и на раце пренеле дури и фиќо. Албанското МНР веднаш го повика амбасадорот. Имавме информации дека МНР, Арта Даде, одма по закажаната средба, оди на комисија во Парламентот, за да реферира како го направила партал претставникот на Македонија. Ја одбив средбата и реков дека можам да дојдам дури откако ќе имам информации од земјата што точно се случило. Отпосле, дознавме дека пред МНР ме чекала толпа новинари и камермани, од сите главни медиуми. Тоа беше прилика Македонија повторно целосно да се оцрни. Не успеаја. Се разбира дека веднаш изразивме жалење за инцидентот и сочувство до семејството на жртвата.

За разлика од тогаш, Осамни се однесува како главна задача да му е одбрана на интересите на Бугарија, што е многу пати до сега повторено. Често се прашувате – дали е тој министер на Бугарија, на Албанија, или е некаков медијатор?

На заедничката прес-конференција на двата министри, по посетата на повредениот, нови понижувања за Македонија. Додека Османи, како отсутен молчеше, Милков истакна дека сака да каже: „Не! – на заживувањето на ‘црните традиции’ кои историски се поврзуваат со Македонија – палење, пукање и насилство врз луѓето“ и додаде – „за такви работи, воопшто нема место во Европа“. Нагласи и дека треба – „… да се стави крај на оваа атмосфера на неказнивост што раѓа ново и ново насилство“! Се разбира кај нас. Ако си присутен на вакви безобразни плукања врз сопствената земја и не реагираш, во најмала рака значи дека се согласуваш и ја прифаќаш критиката. Премолчување на вакви навреди е рамно на – предавство и Османи мораше истиот ден да си даде оставка. До сега, лично не се сеќавам дека  некој странец поцрно ни ја изрезилил Македонија.

Во интервјуто на бугарска телевизија, Османи продолжи да се однесува на ист начин и заклучи – „Мора ние да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата позитивна агенда што двете влади се трудат макотрпно да ја изградат!?“

Кои две влади, министер? Зарем е официјалната оценка на Македонија дека бугарската влада „макотрпно работи на позитивна агенда со Македонија“? Тоа може да биде само лично мислење, ама крајно погрешно и навредливо за Македонија. Таа оценка може да биде во интерес само на Бугарија. Не на Македонија. Впрочем, какво е тоа бесмислено ставање на двете страни на исто рамниште? Зарем не ти е јасно, министер, дека Софија води психолошка и студена војна против Македонија? Дека ние сме жртви на нивна жестока политичка агресија?

Секој веќе мора да биде апсолутно свесен дека Софија МАКОТРПНО И ДОЛГОРОЧНО работи на дефинитивно разнебитување на Македонците, на нивно бугаризирање, и присвојување на Македонија како втора бугарска држава. Врз основа на тоа, може да се заклучи дека, најверојатно, нема никогаш ни да ни дозволат влез во ЕУ, доколку не се откажеме од идентитетот, јазикот… Тоа мора да им биде јасно веќе и на референтите во МНР, камоли на министерот. Тој секако знае дека Софија не  признава македонски народ, јазик…

Во Софија, Османи најави: „следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како бугарската заедница да ја декларира својата припадност, да овозможиме нејзиниот идентитет и културна припадност да се интегрира во општеството“?!

И ова е за неверување. Прво, тоа не е негова работа. Второ, му се меша во работата на Артан Груби што, како на Албанец, не му е баш препорачливо. Трето и клучно – ЗОШТО БАШ СЕГА „бугарската заедница да ја декларира својата припадност“?! Османи, каде беа до сега Бугарите во Македонија? Си се прашал ли – зошто сега се измислуваат? Или, беа прогонувани, убивани, непризнати…, како што тврдат шовинистите Милков, Радев…? Или, ова е дел од бугаризацијата на Македонците, на која си и ти посветен?

Сериозна грешка Османи направи и кога порача – „засега нема да го прогласам Џамбаски за персона нон грата“. И тоа не е негова работа, туку на МВР. Нова грешка направи и кога на бугарската ТВ рече – „ги охрабрувам (Бугарите во Македонија) да отвораат повеќе клубови“!?

Дали е тоа, министер, македонска или лична политика? Зарем не знае човеков дека според пописот имаме 3.504 Бугари од коишто најмалку 2.000, а веројатно и повеќе, се овде дојденци коишто се тука мажени и женети? И, колку клубови ќе треба да отворат, под патронат на Османи, за да бидат згрижени и нивните деца? Македонски мизерии, оркестрирани од Османи.

Сепак, во интервјуто, Османи се обиде, божем, да биде и балансиран кога, во врска со провокациите за време на чествувањето на Мара Бунева, рече – „секое доаѓање во Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мора сериозно да го адресираме и тоа ќе биде последно доаѓање во Македонија“. Но, внимавајте – негирањето на Македонците тој го осуди кога ќе ни се случува во иднина, и само во земјава. До сега, и од надвор, значи – можело. Зошто не ги осуди истите негирања, кога ги прават највисоките раководители на Бугарија? Или, тоа го смета за – нормално? Не кажа ниту – зошто среде Скопје се толерираа присвојувањата и навредите околу Бунева?

Гледаме дека Милков во меѓувреме бил и во Брисел на состанок на Советот на ЕУ, каде што ги информирал колегите министри дека овој – „сериозен инцидент е дел од повеќето слични настани во последните месеци со антибугарски карактер“, како и за – “зголемениот притисок врз бугарското малцинство во Македонија“. Најавил можност и за ново бугарско вето. Каде е и што прави Османи?

Значи, за случајот во Охрид расправаше бугарското собрание, го информираа и Совет на ЕУ, го повлекоа и го задржаа амбасадорот од Скопје, што е сериозен дипломатски чекор… А, што преземавме ние? Едно големо НИШТО. Како и обично. Во најмала рака, Османи треба веднаш да ги извести САД, ЕУ и нејзините членки што се случи во Охрид, и како се однесува Софија, со сите расположливи факти. Да им се пренесат детали од настаните сврзани со Бунева, заедно со слики; да се цитираат најновите изјави од Софија, вклучително и таа на Џамбаски… Ако се премолчува сето тоа, значи ново предавство на македонските национални и државни интереси.

Да потсетиме дека Османи, иако тоа воопшто не му личеше како на МНР, одеше по Скопје и проверуваше дали таблите на сите државни институции се двојазични. И, за тоа се фалеше со снимено видео. Сега, мора да му е познато дека на новите простории на бугарскиот информативен центар, во среде Скопје, има табла на која е изоставен македонскиот јазик?! Негова службена должност е да оди, да провери, и да реагира. Да им нареди на Бугарите дека или ќе напишат и на македонски јазик, или да си ја тргнат „фирмата“.

На 4 февруари, ако не им се забрани влез на овие докажани национални шовинисти, можен е сериозен инцидент. Софија ќе направи сѐ за тоа да се случи. Затоа, најдобро би било ако на граница им се забрани влез на провокаторите. Во најмала рака, мора да се проверуваат сите автобуси коишто ќе доаѓаат и да се оневозможи да се носат бугарски знамиња, плакати и други провокативни симболи. Штета е што опозицијата ги релативизираше, а не ги поддржа ставовите на Пендаровски околу забраната, коишто беа одлични.

Настанот од Охрид дефинитивно докажа дека фашистичките клубови во земјава ги формира и финансира бугарската држава, веројатно преку тајните служби. Единствената цел е да провоцираат и да собираат „факти“ за омразата кон Бугарите и нивното малтретирање, како докази дека, за да се заштитат, тие мора да влезат во Уставот. Најголем показ за тоа е авионското префрлање во Софија на нарко дилерот од Охрид. Приказни за мали деца се информациите дека некаков филантроп стои зад идејата.

Мораме да бидеме апсолутно свесни дека на Софија и е потребен што потежок инцидент на 4 февруари. Тие сигурно се подготвуваат тоа да се случи. Да покажат дека ние сме дивјаци, како што и изјавуваат. Ќе биде голема грешка ако и нашата власт, заради уставните промени, види во тоа свој интерес. Мора да им биде јасно дека било каков нов бугарски инспириран скандал ќе ги револтира сите добронамерни Македонци, што ќе води до брзи избори. Османи мора исто така итно да ги информира Вашингтон, Брисел, Париз, Берлин… за можните настани на 4 февруари, и да ја објасни позадината на случајот. Така би постапила секоја одговорна дипломатија. Каква е нашата, ценете сами.

И, за крај – најновата изјава на Османи дека зад бугарските потези во Македонија стои Руската федерација се само негова нова бесмислица. Ништо друго. Ако Албанците ја сметаат Москва за нивни најголем душман, таа во никој случај нема подиректна врска со настаните во Македонија. Веќе 30 години, „демократскиот запад“ ги разнебитува Македонците. Ова е само финалето.

Поврзани содржини