До кифлите ни е дојдено?
Прашањето коешто се поставува е дали УЈП треба прво да се фокусира на оние кои вртат милиони, а потоа да се сврти кон малиот бизнис? Ова не е само прашање на ефикасност, туку и на праведност. Да се бара од малиот бизнис да плати данок на минимални приходи, додека големите корпорации успешно избегнуваат даночни обврски, не само што е контрапродуктивно, туку и ја поткопува вербата во системот.
Во светот на даночните политики, каде што големите риби на еден чудесен начин умеат да ја намирисаат опасноста, па поради тоа и најчесто не завршуваат во мрежата, УЈП се чини дека се фокусира на малите рибари кои ги продаваат своите скромни и ситни улови преку социјалните мрежи.
Секако дека сивата економија е проблем кој треба да се реши еднаш засекогаш и намерите на УЈП се чинат како чекор кон воведување транспарентност и правичност, но сепак, прашањето за приоритетност останува отворено.
Дали оние граѓани кои се обидуваат да преживеат продавајќи торти, колачи или рачно изработен накит, треба да бидат во центарот на вниманието на даночните власти?
Со оглед на фактот дека многу од овие мали продавачи се борат да заработат за живот, а верувајте, познавам многумина кои живеат само од тоа, предлогот за оданочување на нивните минимални приходи може да се сфати како обид да се извлече крв од мртовец. Оти, поставувањето на таквите бизниси во ист ранг со големите корпорации, кои имаат значително поголеми приходи и можности за оптимизација на даноците, може да се чини како неразумен потег.
Каде е болката? Додека УЈП планира да ги следи овие мали трансакции, илјадници бизниси кои вртат неоданочени милиони продолжуваат да оперираат надвор од радарот.
Во земја со ограничен пазар како Македонија, продажбата на обетки од 150 денари или килограм кифли од 300 денари едвај може да се смета за значителен извор на приходи. Истовремено, во срцето на Скопје, бизниси кои не издаваат фискални сметки и не плаќаат даноци продолжуваат да цветаат без никакви последици.
Прашањето коешто се поставува е дали УЈП треба прво да се фокусира на оние кои вртат милиони, а потоа да се сврти кон малиот бизнис? Ова не е само прашање на ефикасност, туку и на праведност. Да се бара од малиот бизнис да плати данок на минимални приходи, додека големите корпорации успешно избегнуваат даночни обврски, не само што е контрапродуктивно, туку и ја поткопува вербата во системот.
Даночната политика треба да биде балансирана и да ги отсликува реалностите на секојдневниот живот на граѓаните, а не само да се фокусира на лесни цели.
Затоа, пред да се преземат мерки кон малиот бизнис, УЈП треба да ги преиспита своите стратегии и да се осигура дека големите играчи го даваат својот справедлив удел.
Само така можеме да изградиме општество каде што секој придонесува според своите можности, а даночната политика ги отсликува вредностите на справедливост и рамноправност.
Ако не знаете од каде да почнете, појдете на Пластичарска улица, на пример. Одберете лустер и предложете му на продавачот да го платите производот со картичка. Можеби тогаш ќе ви светне!