ДОЈДЕ ВРЕМЕ ЗА ПРАВДА, ОВА Е РЕАЛНАТА ПРАВНА РАЗВРСКА Адвокатот Миланов за одлуката на Јавното обвинителство за случајот „27 април“

Јавното обвинителство јасно се произнесе дека во случајот „Организатори на 27 април“, кој се однесува на обвиненијата за терористичко загрозување на уставниот поредок, практично немало основа за поведување постапка. Сега останува на Судот да се произнесе и да донесе одлука, изјави адвокатот Еленко Миланов за Плусинфо.

1,365

„Ова е реалната правна разврска. Тоа го баравме, постојано инсистиравме, и еве, конечно дојде време за правда“.

Вака адвокатот Еленко Миланов во разговор за Плусинфо ја коментира денешната одлука на Јавното обвинителство дека во случајот за настаните од 27 април 2017 година не биле земени предвид важни факти и околности кои можеле значително да влијаат врз постапката.






Во своето мислење, Обвинителството констатира дека немало основи за поведување постапка, што ја потврдува тезата дека 6 години обвинетите Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Велјановски биле незаконски судени и трпеле политички прогон.

– Го добивме тоа што го баравме и за коешто инсистиравме. Јавното обвинителство јасно се произнесе дека во случајот „Организатори на 27 април“, кој се однесува на обвиненијата за терористичко загрозување на уставниот поредок, практично немало основа за поведување постапка. Сега останува на Судот да се произнесе и да донесе одлука. Не би сакал да прогнозирам каква одлука ќе биде донесена, но искрено сум оптимист и очекувам целата оваа работа добро да се заврши. Оставам јавноста сама да донесе заклучок дали станува збор за политички прогон или за желби на некои институции кои случајот сакале да го тераат на ваков начин – ни изјави Миланов.

За потсетување, случајот „Организатори на 27 април“ се однесува на обвиненијата за терористичко загрозување на уставниот поредок против поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, против поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, како и против поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски.

Првостепениот суд донесе осудителна пресуда во 2021 година, но Апелацискиот суд во април оваа година ја укина пресудата, наведувајќи низа процесни недостатоци.

Обвинетите не добија можност да се повикаат на амнестијата која следеше за случајот, ниту да ги изнесат своите аргументи. Во меѓувреме, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се соочија со физички напади додека беа во притвор, што дополнително го комплицираше случајот. Европскиот суд за човекови права, исто така, утврди дека нивните права биле повредени.

Во јавноста се кренаа сериозни обвинувања дека целиот процес бил политички мотивиран и искористен за хајка против обвинетите. Клучен фактор во постапката беше јавната обвинителка Вилма Рускоска, чии одлуки беа подложени на критики и беа окарактеризирани како скандалозни.

Како што информираат од Кривичен суд за МИА, Судот мислењето го доставил до странките во постапката и рочиштето се одложило за 23 јануари до кога треба да одлучи по барањето на странките и мислењето на обвинителство.

ПАЃА СЛУЧАЈОТ „ОРГАНИЗАТОРИ НА 27 АПРИЛ“ Направени се важни пропусти, 6 години била водена хајка

Поврзани содржини