🎥 ДОЈДЕ СО ТОЧАКОТ, ГО ОСВОИ ЗАМОКОТ Која е Кетрин Коноли, новата претседателка на Ирска
Како независен кандидат, Кетрин Конели освои 63% од гласовите, во изборна трка со само две кандидатки, многу неважечки гласови и мала излезност. Својот победнички говор Конели го одржа на оригиналниот ирски јазик, со векови потиснуван од англискиот.
Кетрин Коноли, 68-годишна независна пратеничка и поранешен клинички психолог и адвокат, беше избрана за нова претседателка на Ирска. Нејзината победа во претседателските избори на 24 октомври 2025 година беше убедлива, со освоени 63% од гласовите, додека нејзината најблиска конкурентка, Хедер Хамфрис од партијата Фајн Гел, доби 29% . Претседателските избори беа проследени со рекорден број неважечки гласачки ливчиња, што укажува на се поголемата политичка разочараност меѓу гласачите.
Изборите беа проследени со критики дека на гласачите не им е даден вистински избор, со оглед на тоа што се кандидираа само двајца кандидати, Коноли и Хамфрис.
Додека се пребројуваа гласовите, Коноли го изрази своето задоволство од резултатот и им се заблагодари на сите што гласаа за неа, додавајќи дека ги разбира загриженостите на оние што не ја поддржаа.
Нејзината противкандидатка веднаш ѝ ја честита победата.
– Кетрин ќе биде наша претседателка и ќе биде моја претседателка – рече Хамфрис, честитајќи ѝ на својата противничка за победата и изразувајќи жалење за големиот број неважечки гласачки ливчиња.
Кетрин Коноли е родена на 12 јули 1957 година во Галуеј, Ирска. Израснала во предградие на Галуеј во големо семејство со 14 деца. По завршувањето на основното и средното образование, се преселила во Лидс, Велика Британија, каде што дипломирала клиничка психологија на Универзитетот во Лидс во 1981 година. Потоа се вратила во Ирска и дипломирала право на Националниот универзитет во Галуеј во 1989 година, станувајќи адвокатка во 1991 година.
Нејзината политичка кариера започнала во 1999 година кога била избрана за член на Градскиот совет на Галуеј, а пет години подоцна и за градоначалник на својот град. Во 2016 година била избрана за пратеничка во парламентот на Ирска за изборната единица Галвеј Вест, а била прва жена во Ирска што била избрана на функцијата заменик-претседател на парламентот, функција која ја извршуваше до 2024 година.

Кампањата на Коноли беше поддржана од левичарски партии како Шин Фејн, Лабуристичката партија, Социјалдемократите и други независни пратеници. Нејзината победа се смета за значителен политички пресврт во Ирска, со оглед на тоа што претходно владееја центро-десничарски партии. Коноли ветуваше да биде претседателка која ќе ги застапува интересите на сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност.
Коноли е позната по своите левичарски ставови и критички ставови кон НАТО, Европската Унија и западните сили во контекст на меѓународните конфликти. Таа е силен поддржувач на ирската неутралност и се залага за обединување на Ирска. Нејзините ставови понекогаш предизвикуваат контроверзи, особено во однос на израелско-палестинскиот конфликт.

Коноли е во брак со Брајан МкЕнери и имаат двајца синови. Таа живее во квартот Кладдах во Галуеј од 1988 година. Говори ирски и германски јазик, пораснала во католичко семејство, но се изјаснува како нерелигиозна.
Независсната кандидатка, сосема во духот на својата скромност и залагање за еколошки прашања, на гласање дојде со својот велосипед, пречекана од многубројните новинарски екипи:
По прогласувањето на победата, камерите го снимија нејзиното влегување во Ирската претседателска Палата, заедно со соработниците:
Она што беше карактеристично за Коноли и во нејзините настапи во парламентот и во кампањата, е што се обраќаше на автентичниот ирски јазик, а не на официјалниот англиски. Исто така на ирски јазик, кој со векови бил репресиран и речиси исчезнат под англиската доминација, го одржа и својот победнички говор: