ДОЈДЕ ЛИ ДЕНОТ „УРАГАНОТ“ ДА ГИ ОДДУВА „ОГНЕНИТЕ“ ВО ДУИ? Пред седницата на партискиот врв Ахмети удри во Сарај
Лидерот на ДУИ го назначи Рафиз Алити за координатор на партискиот огранок во општината чиј прв човек е Блерим Беџети, еден од водачите на „огнените“. Претходно Ахмети го постави Бујар Османи да го преземе огранокот на ДУИ во Чаир, базата на Изет Меџити.
Ден пред саботната седница на Централното претседателство на ДУИ, објавено е дека Рафиз Алити е новиот координатор на партискиот огранок во општината Сарај.
Вака одлучил претседателот на ДУИ, Али Ахмети, откако претходно за координатор на огранокот на ДУИ во Чаир го назначи Бујар Османи.
Со оваа одлука Ахмети сака да им зададе завршен удар на „огнените“, групата во која покрај поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити и сегашниот на Сарај, Блерим Беџети, се и Муса Џафери, Висар Ганиу и Невзат Бејта.
Посматрачите оценуваат дека по преземањето на партиската структура во Чаир, лидерот Ахмети сега сака да се консолидира и во Сарај. Тој е охрабрен по митингот што го одржа на 20 март во Чаир, каде што рече дека ДУИ на чело со него е „ураган“.
„Огнената група“ отворен бара разрешување на неговиот најблизок соработник Артан Груби од сите државни и партиски функции и смена на некои други државни и партиски функционери. Но, се смета дека Груби не е единствениот таргет на групата фракционери и дека вистинската цел е Али Ахмети.
Дали „ураганот“ ќе ги оддува „огнените“, или можеби Ахмети и Груби ќе „изгорат“ во битката, ќе се знае од утрешната седница на Централното претседателство на партијата, на која неизбежно ќе стане збор и за фракциските борби.
Блерим Беџети изјавил дека очекува „ да се разговара за прашањата што создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од партијата“.