„Дојче веле“: Се шири листата со симптоми на коронавирусот
На почетокот, ни рекоа да внимаваме на главоболки, треска и кашлица. Потоа додадоа и течење од нос и гребење во грло. Потоа уште и дигестивни проблеми, вклучително и болки во стомак и тешка дијареа - се присетува Силви Моној, семеен лекар во централен Париз.
Новиот коронавирус може да го турне имунолошкиот систем кон прекумерна реакција, предизвикувајќи неконтролиран напад на патогените и на организмот, пренесува „Дојче веле“.
– Повеќето вируси предизвикуваат болест на два начина. Тие може да го оштетат ткивото таму каде што се реплицира вирусот, или можат да предизвикаат штета како страничен ефект врз имунолошкиот систем кој се бори со болеста – објаснува Џереми Росман, предавач по вирологија на Универзитетот во Кент.
Лекарите се сомневаат дека ковид-19 е виновен и за хоспитализацијата на преку 100 деца и адолесценти последниве недели во Њујорк, Лондон и Париз дијагностицирани со нарушување слично на синдромот на токсички шок кој ги напаѓа ѕидовите на крвните садови и може да предизвика треска, повраќање и во екстремни случаи и откажување на органите.
Три смртни случаи во Њујорк му се припишуваат на овој синдром, а сомнежот е дека има уште два други.
Кај возрасните, во бројни медицински студии ковид-19 се поврзува со други симптоми како што се удари, оштетување на срце и отекување на мозокот.
Истражувачите од уролошкиот оддел на Медицинскиот универзитет Нанжинг опишуваат пациенти со тешки уринарни компликации и акутни повреди на бубрезите. Тие забележале и „драматични промени“ во машките сексуални хормони.
– Откако ќе се опорават од ковид-19, младите луѓе кои се заинтересирани да имаат деца треба да се консултираат за нивната плодност – советуваат овие научници.
Список кој постојано се шири
Дали тоа значи дека ковид-19 предизвикува уникатно широк спектар на симптоми? Не мора да значи, велат виролозите и други експерти.
– Доколку е вообичаена болест, тогаш дури и ретките компликации ќе се случуваа често – вели Бабак Џавид, консултант за инфективни болести во Универзитетската болница во Кембриџ.
Ширум светот потврдени се 4,1 милиони случаи на коронавирус, но вистинската бројка имајќи ги предвид и неоткриените и асимптоматските случаи- „веројатно е десетици, можеби и стотици милиони“, вели тој.
– Оттука, доколку кај еден од илјада или дури и кај еден од 10 илјади се јават компликации, тоа се сепак илјадници луѓе – посочува Џавид.
Дел од ретките симптоми кои се поврзуваат со коронавирусот исто така се јавуваат и кај инфлуенцата, која убива стотици илјади луѓе во светот секоја година, вели Џавид. Но со една клучна разлика: „Во споредба со инфлуенцата, поголема е веројатноста сериозно да се разболите и да умрете“.
Општите лекари најчесто се првите кои се соочуваат со болеста.
– На почетокот, ни рекоа да внимаваме на главоболки, треска и кашлица. Потоа додадоа и течење од нос и гребење во грло. Потоа уште и дигестивни проблеми, вклучително и болки во стомак и тешка дијареа – се присетува Силви Моној, семеен лекар во централен Париз.
Целиот текст прочитајте го на „Дојче веле“.