Истражувањето кое го објави магазинот „Форбс“, според кое Северна Македонија е на 103-то место, надвор од групата на 100 најбезбедни земји во време на пандемијата на коронавирусот, е преземено од Deep Knowledge group, пишува денеска Дојче веле.
Како што наведува Дојче веле, во други земји ова истражување е ставено под сериозна лупа. Бугарскиот весник „24 часа“ нотира дека станува збор за организација непозната во светските научни кругови и дека нивната веб-страница dkv.global изобилува со огромен број убави графикони кои создаваат впечаток на експертност.
Според јавно достапни податоци, Deep Knowledge group (ДКГ) е сопственост на инвестициска компанија Deep Knowledge Ventures, основана во 2014 година во Хонконг, во сопственост на рускиот бизнисмен Дмитриј Камински, а со деловни интереси во истражувања на болести, стареењето и регенеративната медицина.