ДОЈАВИТЕ СЕ ЛАЖНИ, ПРОВЕРКИТЕ УШТЕ ТРААТ Патниците се вратија на скопскиот аеродром
Денеска имаше голем број дојави за бомби - во фирми, јавни објекти и во училишта. Полицијата сите ги проверува, но веќе се лиферува информацијата дека дојавите пак биле лажни.
Завршени се проверките на повеќето локации за кои денеска беа добиени дојави за поставени бомби и сите се покажале за лажни – информира МВР за Плусинфо.
Нема поставено бомби на Меѓународниот аеродром – Скопје, во хотелот „Александар Палас“ и во училиштата кои се проверени. На аеродромот се вратени патниците, како и евакуираните гости во хотелот „Александар Палас“. Летовите на авионите ќе продолжат.
Се очекува да продолжи годишната конференција на Стопанската комора во „Александар палас“, која беше прекината поради дојавите. На оваа конференција беше најавено учество на премиерот Димитар Ковачевски, повеќе министри и на други функционери и стопанственици.
Утрово дојави за бомби имаше и во Националната арена „Тоше Проески“, зградата на ФФМ, ТЦ „Ист Гејт“, хотел „Мериот“, хотел „Сенигалиа“.
Дојави за бомби стигнаа и во 10 училишта во Скопја и во 5 во Битола.
За исходот од сите сите проверки од МВР најавуваат информации за подоцна.
Деновиве цел на дојави за бомби, покрај училишта, се и институции, трговски центри и други објекти. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочија дека се лажни.
Дојавата за бомба на Меѓународниот аеродром Скопје е лажна, соопшти „ТАВ Македонија” по извршените проверки од страна на полицијата.
– Согласно информацијата добиена од Министерството за внатрешни работи, би сакале да ве известиме дека единиците на МВР ги завршија проверките на Меѓународниот Аеродром Скопје и притоа од нивна страна е утврдено дека станува збор за лажна пријава за поставена експлозивна направа која ја добивме утрово. Би сакале да ја известиме целата јавност и нашите патници дека нема откажани летови и дека авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје продолжува по регуларниот распоред – се наведува во соопштението од „ТАВ Македонија”.
За детали во однос на летовите, патниците моожат да се информираат на веб-страницата http://skp.airports.com.mk/,или на Шалтерот за информации кој е достапен 24/7, како и на телефонскиот број +389 2 3148 333.