ДОЈАВА ЗА БОМБА ВО ДОМОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ Хотели, музеи, трговски центри – наредена е евакуација!
Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на МВР, Пендаровски денеска ќе ги извршува редовните работни обврски
Дојави за бомби во повеќе објекти во Скопје утринава стигнаа на мејл адресите од испраќач потпишан како „Graham Klein“, меѓу кои и во Куќата на Претседателот – Вила Водно.
Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо ја потврдија информацијата и дека веќе се преземаат активности на терен.
„Денеска (21.02.2023) е пријавено дека преку електронските адреси е упатена закана за поставена експлозивна направа до Музеј на град Скопје, Природонаучен музеј, Археолошки музеј, Музеј на ММБ Спомен куќа на Мајка Тереза, ГТЦ, Ист гејт мол, ТЦ Бисер, Флатирон, Џевахир, Управен суд, Куќа на Претседателот-Вила Водно, х. Мериот, х. Александар Палас, СЦ Борис Трајковски, Железничка станица Скопје и ФФМ. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.
Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики, велат од Кабинетот на шефот на државата во врска со денешната информација дека на електронските адреси на повеќе институции и објекти, меѓу кои и во вилата на претседателот изутринава се пристигнати закани за поставени експлозивни направи.- Потврдуваме дека утрово, на 21 февруари 2023 година од страна на Министерството за внатрешни работи бевме информирани дека има дојава за поставена бомба во местото на домување на претседателот. Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики – велат од Кабинетот.Оттаму нагласуваат дека претседателот Пендаровски денеска ќе ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности.