ДО 3 ЧАСА СЕ ЧЕКА ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ ВО ШЕНГЕН ЗОНАТА Од утре се очекуваат уште поголеми редици на аеродромите
Аеродромите предупредуваат на часови чекање поради новиот систем за влез и излез, додека Европската комисија тврди дека нема сериозни проблеми.
Новиот систем на ЕУ за влез и излез (ЕЕС), чија етапна имплементација на надворешните граници на Шенген-зоната започна лани во октомври, „предизвика значителна непријатност кај патниците“ на кои им се земаат биометриски податоци, предупреди Европскиот огранок на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ Европа).
Според ЕЕС, државјаните на земји кои не се членки на ЕУ при првото преминување на Шенген-границата по почетокот на имплементацијата мора да бидат фотографирани и да им се земат отпечатоци од прсти, со цел електронско регистрирање на податоците. Имплементацијата на системот трае шест месеци и треба да заврши на 10 април 2026 година, кога ЕЕС ќе се применува на сите гранични премини, а печатите во пасошите ќе бидат целосно заменети со електронски записи.
Постепената имплементација од утре влегува во нова фаза, во која електронски треба да бидат регистрирани најмалку 35 проценти од државјаните на трети земји кои ја минуваат границата на Шенген-зоната. Според аеродромите во ЕУ, ова може да предизвика застои и значителни одложувања во движењето на патниците.
АЦИ Европа предупредува дека стапувањето во сила на ЕЕС во октомври веќе создаде проблеми на голем број аеродроми, а од утре се очекуваат уште поголеми оптоварувања.
– Воведувањето на ЕЕС доведе до зголемување на времето потребно за гранични проверки на аеродромите и до 70 проценти, со чекање што во шпиц-периодите достигнува и до три часа. Новиот модел што стапува на сила сигурно ќе создаде уште полоши услови – изјави генералниот директор на АЦИ Европа, Оливие Јанковец.
Портпаролката на бриселскиот аеродром „Завентем“, Ихсане Лехли, изјави дека воведувањето на ЕЕС директно влијае врз времето на чекање и ја зголемува потребата од доволен број вработени на граничната контрола.
– Максималното време на чекање при пристигнување може да достигне и до три часа, а забележавме и зголемување на чекањето при заминување – нагласи Лехли.
Од друга страна, Европската комисија ги отфрла тврдењата дека ЕЕС предизвикува сериозни застои, наведувајќи дека системот „во голема мера функционира без проблеми“.
– Од самиот почеток, системот работи стабилно, дури и за време на празничните шпицови. Почетните предизвици, типични за вакви нови системи, беа навремено решени. Со ЕЕС точно знаеме кој, кога и каде влегува во ЕУ – изјави портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт.
Сепак, практиката покажува одредени слабости. За време на божиќните и новогодишните празници, португалските власти привремено го суспендираа ЕЕС на аеродромот „Умберто Делгадо“ во Лисабон и ангажираа воен персонал за зајакнување на граничната контрола.
Проблеми беа пријавени и на римскиот аеродром „Фјумичино“, каде што аеродромската управа оцени дека оперативните услови се многу сложени и доведуваат до значително продолжување на времето за проверки.
Шпанската конфедерација на хотели и туристички сместувачки капацитети (Асхотел) побара од Министерството за внатрешни работи да го зголеми бројот на гранични полицајци за да се избегнат „тесни грла“ при контролите.
– Неразумно е туристите, по неколкучасовно патување, да чекаат уште еден или повеќе часови за влез во земјата – изјави претседателот на Асхотел, Хорхе Маричал.
Шпанското Министерство за внатрешни работи, пак, соопшти дека ЕЕС се применува на целата територија без пријавени редици или сериозни инциденти.
И операторот на двата најголеми аеродрома во Париз – АДР – соопшти дека засега нема забележано проблеми, наведувајќи дека „не е регистриран хаос или зголемено време на чекање“.