ДО 2070 ГОДИНА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИМА САМО 500.000 ЖИТЕЛИ?! Се троши и не се обновува најважниот ресурс – населението

Според познавачите, состојбата може да се ублажи само со општо подобрување на состојбата во земјата, која ќе го демотивира иселувањето, а симулациските мерки како субвенции за млади парови, надоместоци и додатоци за новороденчиња и слично можат да дадат само краткорочен ефект. Потребно е, велат тие, да имаме добра економска состојба, квалитетно образование, квалитетно здравство, безбедност и правна сигурност, за да имаме и население, а во спротовно, иселувањето на младите луѓе, од кои и зависи наталитетот, само ќе расте и ништо нема да може да го сопре.

1,595

Негативниот природен прираст, кој од година во година е сè поголем, не е само прашање од висок национален интерес, туку и прашање за опстанокот на државата – затоа што без народ нема ниту држава, предупредуваат експерите. Најновите бројки од Државниот завод за статистика (ДЗС) се поразителни – во првото тримесечје од 2025 година се родиле 3.526 бебиња, а умреле 5.398 луѓе. Бројот на родените во споредба со истиот период лани е намален за 2,9%, а бројот на умрените е зголемен за 3,8%, што значи дека во Македонија сè помалку се раѓаат и сè повеќе умираат. Природниот прираст во првото тримесечје останува негативен и изнесува минус 1.872 лица!

Уште позагрижувачки податок е дека бројот на склучени бракови изнесува 1.846 и е намален за дури 25 отсто во споредба со првото тримесечје во 2024 година.






Црно ни се пишува

Трендот е исклучително лош, а до 2070 година Македонија може да брои само половина милион луѓе!

Оваа бројка е дел од проекцијата за населението во земјава до 2070 година, која ја изготви Државниот завод за статистика во 2023 година, по пописот од 2022 година. Според таа проекција, во сите разгледувани варијанти, бројот на населението ќе се намалува, но прашање е колку и со кое темпо.

„Набљудувано по проекциските варијанти, населението на земјата од појдовните 1.832.000 луѓе во 2022 година, до крајот на 2070 година би се движело во интервал од 501.200 луѓе (константна варијанта), до 1.485.700 луѓе (варијанта без миграции). Тоа значи дека задржувањето на вредностите на ниво на 2022 година, односно стапка на фертилитет од 23% под потребниот за замена на генерацијата, релативно кратко очекувано траење на животот од 76 години и многу високата нето-емиграција од преку 14.000 лица годишно, би довело до енормно намалување на населението од 1,3 милион лица. Истовремено, остварувањето на варијантите без надворешни миграции, со умерено зголемување на нивото на фертилитет, како и континуирано и релативно интензивно намалување на смртноста, би резултирало со намалување на населението за 346.000 луѓе“, се наведува во Проекцијата на населението во Македонија до 2070 година, изготвена од ДЗС.

Година 👶 Родени ⚰️ Умрени 📉 Разлика
2023 🟢 16.737 🔴 20.187 −3.450
2022 🟢 18.073 🔴 22.459 −4.386
2021 🟢 18.648 🔴 28.516 −9.868
2020 🟢 19.031 🔴 25.755 −6.724
2019 🟢 19.845 🔴 20.446 −601
2018 🟢 21.333 🔴 19.727 +1.606
2017 🟢 21.754 🔴 20.318 +1.436
2016 🟢 23.002 🔴 20.421 +2.581
2015 🟢 23.075 🔴 20.461 +2.614
2014 🟢 23.596 🔴 19.718 +3.878
2013 🟢 23.547 🔴 19.144 +4.403

Демотивирање на иселувањето – дали е можно?

Според познавачите, состојбата може да се ублажи само со општо подобрување на состојбата во земјата, која ќе го демотивира иселувањето, а симулациските мерки како субвенции за млади парови, надоместоци и додатоци за новороденчиња и слично можат да дадат само краткорочен ефект. Потребно е, велат тие, да имаме добра економска состојба, квалитетно образование, квалитетно здравство, безбедност и правна сигурност, за да имаме и население, а во спротовно, иселувањето на младите луѓе, од кои и зависи наталитетот, само ќе расте и ништо нема да може да го сопре.

Поранешниот директор на ДЗС, демограф и аналитичар, м-р Дончо Герасимовски, коментирајќи ги најновите податоци од првото тромесечие од 2025 година вели дека трендот на намалување на населението по природен пат продолжува, а најновите бројки се далеку понегативни од претходните периоди.

– Демографската состојба е одраз на развојот на државата. Освен сè помалиот број раѓања, на негативниот тренд влијае и иселувањето, со што бројот на населението уште повеќе се намалува. Карактеристично е што и по регионите состојбата останува непроменета и од 8 региони во Македонија, бројот на население расте само во Скопскиот регион. Но, тој раст е резултат на внатрешната миграција, а не на тоа што во Скопје се раѓаат повеќе деца. На пример, во двете најголеми скопски општини, Кисела Вода и Карпош, природниот прираст е негативен, но тие општини имаат повеќе жители затоа што луѓето се доселуваат таму. Скопје расте поради доселувањето и на последниот попис во скопските општини имаше над 600.000 жители. Но во 11-те општини во Источна Македонија состојбата е лоша и таму 3 декади по ред насекаде е негативен природниот прираст. Не е добра состојбата ниту во останатите региони, Пелагонија, Југоистокот, а нема позитивен природен прираст дури ни во Полошкиот регион – вели Герасимовски за Плусинфо.

Фото: Принтскрин

 

Населението се губи од две причини, додава тој, по природен пат и со иселување, а од година во година имаме сè повеќе македонско население низ светот.

– Во Швајцарија и во Италија веќе има македонски населби, македонски цркви, училишта на македонски јазик. Во светот годишно се раѓаат од 5.000 до 6.000 деца на иселени од Македонија, а од македонските основни и средни училишта секоја година се отпишуваат исто така, од 5.000 до 6.000 деца. Исто така, многу студенти студираат во странство, на пример сега многу Македонци студираат во Словенија и по дипломирањето не се враќаат. Затоа што таму веднаш имаат подобри економски услови за живот, вработување според образованието и подобра плата. Одамна помина времето со билети во два правца, со заминување и со враќање. Сега е времето на билети во една насока и, за жал, многу е тешко да се вратат иселените – вели Герасимовски.

Тој додава дека проблем за Македонија како држава е и тоа што не знае колку иселени Македонци има низ светот. Каде сме, колку сме, државата тоа мора да го знае, за да може да планира и да дејствува, додава Герасимовски.

– Најважно е зошто се иселуваат младите и зошто сè помалку деца се раѓаат и на тоа мора да се работи. Во прашање се општите услови, пред сè, економската состојба, безбедноста на луѓето и квалитетот на образованието. Мора да се подобри општата ситуација во државата, да има квалитетни луѓе на вистински места, да заврши партизацијата, политизираноста по институциите и етничките политики. Да се гледа само на општо подобрување на целокупната состојба. Оваа ситуација не може да се пресече хируршки со нож, да се направи денес нешто и од утре трендот да тргне нагоре. Тоа не е можно. Ако се преземат мерки сега, резултати може да се очекуваат после неколку години, затоа што тоа ќе биде процес што ќе трае. Државата мора да направи добра стратегија на оваа тема. Ова не е какво било прашање, ова е прашање на државата, затоа што без луѓе, без народ, нема ниту држава. Затоа, прво мора интензивно да се работи на подобрување на општите услови, економијата, безбедноста, образованието, па потоа да има и поединечни мерки за симулација на раѓањето или за спречување на иселувањето – вели Герасимовски.

Ако не направиме итно сега нешто, може да се оствари и најцрното сценарио, додава тој.

Спасот е влез на Македонија во ЕУ?

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека најновите бројки од првото тримесечје не треба да нè чудат, затоа што во Македонија се намалува потенцијалот за раѓање.

– Рецептот да се сопре овој негативен тренд е Македонија да влезе во ЕУ, нема друг начин. Потребно е пред сè, да имаме правна сигурност, квалитетно здравство и квалитетно образование. Битна е и економската состојба, но луѓето не си одат првенствено од економски причини. Се иселуваат и добро ситуирани луѓе кога ќе размислат каде треба да им учат децата, каде би се лекувале кога ќе имаат потреба, колкава им е правната сигурност за да инвестираат и да водат бизнис. Сето тоа се фактори зошто се иселуваат и затоа кога Македонија еден ден ќе ги исполни европските стандарди и ќе влезе во ЕУ, овој тренд ќе сопре – вели Симовски за Плусинфо.

Отпрвин не, но подоцна да, објаснува тој, а тоа го докажуваат искуствата од земјите од Источна Европа и од Балтикот.

Фото: Принтскрин

 

– Кога Полска, Чешка и другите земји влегоа во ЕУ, тамошното население, кое дотогаш беше затворено зад Железната завеса, како стампедо тргна кон западноевропските држави. Но, после повеќе години, кога и источноевропските и балтичките држави ја подобрија општата состојба, трендот се сврте и сè повеќе Чеси, Полјаци итн. се враќаат во своите татковини. Претходно, овој тренд беше ваков во Шпанија, Португалија и во Ирска, луѓето таму се враќаа од САД. И нам ќе ни се случи истото откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Прво ќе има бран на уште поголемо иселување, ама потоа луѓето ќе почнат да се враќаат. Оти, 1.000 евра во Германија и 1.000 евра во Македонија не се исто. Овде дополнително луѓето имаат и свои блиски, пријатели, дома си се, не се туѓинци во туѓа држава. Многумина би се вратиле, за да си бидат дома, ако дома состојбата е добра, со квалитетно здравство, квалитетно образование и со правна сигурност – вели Симовски.

Државата мора да направи добра демографска стратегија, додава тој. Мерките за симулации на раѓањата не даваат резултати на долг рок, само краткорочно.

– Тие докажано не го даваат посакуваниот ефект. Ако немаме млади, ако тие се иселуваат, кој ќе склопува бракови, кој ќе раѓа? Еве и Франција едно време се фалеше со бејбибум поради такви мерки за стимулирање. Но, тој бејбибум го направија доселениците од француските колонии, пред сè од Алжир. Но, со тек на времето тој тренд се намали – вели Симовски.

Во врска со проекциите на ДЗС за бројот на населението до 2070 година и дали навистина може дотогаш да останат само половина милион луѓе во земјава ако ништо не се преземе, Симовски вели дека тоа се само проекции, а не предвидувања.

– Никој не може да предвиди. Тоа се само варијанти што може да се очекува околу бројноста на населението. Проекциите се направени со цел да се дадат насоки на што да се внимава кога ќе се прави националната стратегија за демографија – вели Симовски.

Државата анализира

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека со поддршка на УНФПА, како водечка агенција во семејството на Обединетите Нации за демографија и популациските политики работат на анализа на постоечките документи за демографија.

„Анализата претставува сеопфатен преглед на релевантните национални и меѓународни политики, стратегии, законодавство и податоци. Од анализата ќе произлезе извештај со клучни наоди и следни чекори за дејствување. Во целиот процес се вклучени и номинирани претставници од надлежните министерства и претставник од кабинетот на Националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси, претставници од Владата и други институции – органи на државната управа, универзитети, стопански комори и невладиниот сектор“, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади за Плусинфо.

 

Поврзани содржини