До 15 февруари основни и средни училишта може да се пријават за учество на Европскиот квиз на парите
Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата за освоено прво, второ и трето место.
Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност ги повикува основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите, кој е проект на Европската банкарска федерација, фокусиран на финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години, а е поддржан од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии.
Европскиот квиз на парите се одвива во две фази. Првата фаза се националните натпревари во секоја земја, а втората фаза е европското финале. Националниот натпревар во Република Северна Македонија ќе се одржи виртуелно на 24 март 2021 година, на македонски и на албански јазик.
Од Македонската банкарска асоцијација во соопштение наведуваат дека тим од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале коешто ќе се одржи виртуелно, на 20 април 2021 година, од 11:00 до 13:00 часот, на англиски јазик. Оттука, додаваат, националните победници треба да имаат и солидни познавања од англиски јазик.
Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата за освоено прво, второ и трето место.
Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра.
Сите заинтересирани основни и средни училишта може да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија, најдоцна до 15 февруари 2021 година, на следнава електронска адреса на Македонската банкарска асоцијација:[email protected]
Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови, учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето и заедно со податоците за одделенијата/класовите, треба да се достават податоци за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.
Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.efb.eu.