ДЛАБОКА ПОДЕЛБА ОКОЛУ РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ Власта се фали со „стабилност“, опозицијата зборува за „лажен развој“

Дебатата продолжува попладнево по редовната пауза. Остануваат уште 15 пратеници пријавени за збор по оваа точка од дневниот ред.

474

На 62. пленарна седница на Собранието, пратениците расправаат за ребалансот на Буџетот за 2025 година, тема што ја продлабочи поделбата меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата.

За едните ова е буџет на стабилност, одржливост и развој, a за другите e документ без визија кој ќе ги чини граѓаните уште повеќе.






Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, го бранеше ребалансот како доказ за одговорно управување со јавните финансии.

Според него, приходите растат за 8,6% споредено со лани, трошоците се зголемени за 5,1%, а буџетскиот дефицит останува под контрола на околу 4% од БДП.

– Овој пат не ребалансираме затоа што мораме, туку затоа што можеме да ги насочиме парите таму каде што се најпотребни – рече Стојановски.

Тој нагласи дека со буџетот се зголемуваат платите, пензиите и капиталните инвестиции.

– Имаме 800 милиони денари за повисоки плати, 2,5 милијарди денари за покачување на пензиите и 300 милиони денари за нови капитални проекти. Ова е инвестиција во човечки капитал, во достоинство и во темелите на економскиот раст – додаде Стојановски.

Од спротивната страна, пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска го нарече буџетот „фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента“.

Таа истакна дека основните трошоци за живот рапидно растат, а граѓаните едвај ги покриваат месечните обврски.

– Синдикалната кошничка е повисока за 630 денари од лани. За четиричлено семејство требаат 65.000 денари, а за оние под кирија им требаат 80.000 денари – рече Лукаревска.

Таа обвини дека Владата ги игнорира законските инструменти за фер трговија и ги одбива дури и сопствените предизборни ветувања преточени во закони и амандмани.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, остро го критикуваше ребалансот, нарекувајќи го уште еден во низа буџети што „го хранат елитизмот, а ги оставаат младите без перспектива“.

– Клучните ресори се во рацете на странски капитал. Овој буџет е катализатор за иселување, не решение – рече тој.

Дебатата продолжува попладнево по редовната пауза. Остануваат уште 15 пратеници пријавени за збор по оваа точка од дневниот ред.

Поврзани содржини