Дивина од ужаси
Зашто сѐ – особено „кризава“ – мириса на тоа. Комплетниот распад на системот укажува дека форсираното пропаѓање на „државата“ од страна токму на оние избрани и платени да ја штитат има своја идеја, и цел. Неразбирливото нечинење односно непостапување по Уставот и законите не е ништо друго туку јасна и гласна саботажа на системот со цел негово целосно деградирање до степен на неупотребливост. Потоа, (ќе) се активираат други механизми. И сценарија, се разбира!
Секое резиме за изминатата година, вообичаено во овој период, за македонски прилики – не само политички – би наликувало на правење „дупка в море“, односно набројување на (нерешени) криминали, скандали, лаги, промашувања, неуспеси…, со еден, во основа катастрофичен, именител. А впрочем, таквиот резултат, и именител, би биле применливи и за сите претходни години сметано од 2017-та наваму, како сѐ поевидентно пропаѓање на една визија за држава што ветуваше, за некаква потенцијална иднина, за некаков живот.
И ова воопшто не е срцепарателна тирада насочена контра власта и состојбите во земјава, затоа што тоа не е ни блиску до сето она што таа самата си го прави себеси. Сите нејзини досегашни „политики“, и „резултати“, во сите државни/општествени сегменти се несекојдневна слика на политичко – буквално и метафорично – самоубиство на една партија! Како што тоа, впрочем, беше и со случајот на нивниот политички антипод, онаа друга македонска партија која што така прилежно се самоубиваше во периодот 2006-2017 година со низата аналфабетски политики. Овие пак, сегашниве „прогресивци“, со нивната глупост и неспособност, буквално ги кренаа од гроб!
Но тоа не би бил наш проблем кога сѐ би останало само и единствено во рамките на актуелнава владејачка партија и нејзините сателити, клиенти, абоненти… Меѓутоа, и нашите животи односно нашето секојдневие е непосредно поврзано со тоа нејзино континуирано политичко самоубиство, прелевајќи се во егзистенцијални кризи (економски, енергетски, финансиски, политички, културни, образовни, научни, безбедносни… и др.) што директно влијаат врз опстанокот на најголемиот дел граѓани на оваа држава!
Дали најдобар знак/показател за оваа целосна суицидална и во основа авторежирана пропаст на власта е „бунтот“ на т.н. „огнени“ во редовите на една албанска партија? Веројатно, зашто оваа „фракција во најава“ прецизно го увидела тоа самоуништувачко делување на владејачката коалиција, ги лоцирала „слабите“ точки во своите редови и бара итна интервенција. Македонскиот дел од власта, вообичаено и самобендисано – спие! Таква самоубиствена ароганција до сега не сме виделе на македонската политичка сцена. Просто е неверојатна не нивната неукост, не нивната некапацитетност, туку неспособноста да се согледаат димензиите на нивната криза и адските длабочини во коишто ја водат партијата. А со неа и – државата, за жал.
Наместо реформи, демократија, еу стандарди, правда и право… гледа(в)ме безобразно профитерство и гола борба за превласт, гангстерски препирки и подметнувања, непринципиелни кримогени групировки и сличен мизансцен. Македонскиот политички казан дефинитивно заличува на провинциски политикантски театар на апсурдот каде нештата никогаш не се именуваат со вистинското име туку со некакви смешни деминутиви и/или алузивни придавки што најмалку соодветствуваат на состојбите. Затоа кај нас политичкиот јазик „плива“ врз најпростачките замени на тези, па катастрофалните состојби се нарекуваат „значајни резултати“ а историската неспособност на власта се преименува во успешен „тим на владата“; енергетскиот и ценовниот хаос ги претставуваме како последица од руско-украинската војна; за бившиот министер за здравство не се говори како за најодговорен за илјадниците изгубени животи во пандемијата – цел еден град! – туку се потенцира дека тој дежура за време на новогодишните празници; премиерот и претседателот на државата безобразно бараат помош (sic!) од граѓанинот во справувањето со проблемите заборавајќи дека токму тие не се украсот на државава туку примаат плата за да ја работат својата работа… итн.
Во истиот дух, и на истиот граѓанин – кого, патем, во реалноста отворено го понижуваат на секој чекор – наместо сопствената работа и одговорност приглупи дечишта-политичарчиња му ја подметнуваат ЕУ како некаква гаранција за сигурност, реформи, подобра економија… и, се разбира, неограничени фондови! Коишто, повторно, ќе се слеат во џебовите на коруптивните политичари и нивните партократски банди. Некој лош писател од форматот на оваа „елита“ би рекол дека ние живееме во некаква романескна фикција. Но ова е – нефикција, ова е македонска антилитературна реалност. Нам ни најцрниот филмски или литературен бран не ни е рамен! Што би рекле добрите филмаџии (а не нашиве идиоти): одлично сценарио, добра драматургија, ликови како излезени од најцрното подземје…, недостасуваат уште само елементи на поголемо насилство.
И во тоа има голема доза вистина зашто, впрочем, Македонија денес повторно заличува на она нејзино историско минато слично на црна пустелија на Балканите низ којашто јаваат и пљачкосуваат “родољубиви“ орди, палат села и заплашуваат народ. Со таа разлика што арамиите сега се преселени во градовите, а народот бега од земјата. Но и тоа не е голем проблем зашто народот полека свикнува и на таа реалност. Поголемиот проблем доаѓа утре, кога оваа територија ќе се претвори во дивина од ужаси! „Приказни од дивиот исток“? Ха, којзнае што Горан ќе напишеше денес!
Државата како да остана без ниту еден трезвен и морален политичар кој би можел да го сопре пљачкосувачкот поход на највисоките функционери и нивните семејства во енергетскиот бизнис, застрашувачкиот колапс на целиот здравствен систем, дивеењето на правосудната и урбанистичката мафија, континуираното групашко ограбување на културните фондови, образовната „црна дупка“ во којашто државата – со закон! – дозволува употреба на учебници со 30 проценти грешки во материјалот… итн. Добиваме ли така 30% фалични граѓани и треба ли, можеби, да го покачиме тој процент? Па да биде барем 50%? Ќе ги задоволи ли тоа овие полуписмениве дилетанти?! Па следствено, што понатаму можете да очекувате од „држава“ која што озаконува 30% процентен фаличен подмладок и речиси 100% нестручна и некомпетентна партизирана јавна администрација? Спомнатата дивина од ужаси како неизбежен след на овие состојби?
Прашање е дали ние, денес, воопшто можеме да говориме за правна држава, за систем, за Устав и закони, за институции, кога ништо од тоа не функционира туку владее законот на силата и политичката моќ, се наметнува превласта на криминалните коруптивни групации што приграбуваат сѐ што им е на дофат на раката и ја околчуваат државата како свој атар. Дали во оваа општа системска хаварија учествува и т.н. меѓународна заедница? Се разбира, зашто, извинете, не гледаме дека тие нешто многу се потресуваат околу состојбиве во државава. „Казнените експедиции“ не излегуваат со резултати, амбасадорите главно молчат и си гледаат сеир…, завршена ли е веќе општата распродажба или уште има надеж? Не заслужуваме ли некој барем тоа да ни го каже? Калето, фон дер Лајен… anybody?
Граѓанинот, во големо мнозинство, чувствува дека (повторно) е на – распродажба. Сосе државата, се разбира. Заинтересираните купувачи се домашни и странски. Предност, секако, имаат домашните, бидејќи тие ги определуваат правилата на играта и условите во главниот тендер. Странците, секако, не ги добиваат само трошките. Сѐ си има своја цена! Изгледа дека сега, македонската „елита“, со помош на „меѓународната“, е свесна дека може да си ја откупи државата – онака, топтан – за багателна цена, платена не со нивни туку со буџетски пари. Нешто како што беше и онаа „приватизација“, но сега со многу поголеми влогови.
Зашто сѐ – особено „кризава“ – мириса на тоа. Комплетниот распад на системот укажува дека форсираното пропаѓање на „државата“ од страна токму на оние избрани и платени да ја штитат има своја идеја, и цел. Неразбирливото нечинење односно непостапување по Уставот и законите не е ништо друго туку јасна и гласна саботажа на системот со цел негово целосно деградирање до степен на неупотребливост. Потоа, (ќе) се активираат други механизми. И сценарија, се разбира!
Извор: Теодосиевски уметност, личен блог на авторот