ДИРЕКТОРОТ ОДЛУЧУВАЛ КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ТЕРАПИЈА Мизрахи откри нови информации од извештајот на ДЗР за Онкологија
Согласно извештајот на Државниот завод за ревизија кога терапијата била препишувана за одреден пациент, зборувам за биолошката терапија, не стигало до требување во депо на самата терапија, туку се барало, била централизирана моќта, директорот конечно да овласти со своерачен потпис преку целиот лист хартија, дали тој пациент ќе ја добие или нема да ја добие, рече Мизрахи.
Директорот на Клиниката за онкологија без стручен колегиум со своерачен потпис одлучувал кои пациенти ќе добијат биолошка терапија, тврди пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ која ја води Анкетната комисија во Собранието во врска со скандалот кој изби во јавноста.
Во гостување на ТВ21 Мизрахи рече дека ова сознание е согласно извештајот на Државниот завод за ревизија и дека допрва треба да се разгледа целиот извештај кој уште не е поминат на седница.
– Согласно извештајот на Државниот завод за ревизија кога терапијата била препишувана за одреден пациент, зборувам за биолошката терапија, не стигало до требување во депо на самата терапија, туку се барало, била централизирана моќта, директорот конечно да овласти со своерачен потпис преку целиот лист хартија, дали тој пациент ќе ја добие или нема да ја добие – рече Мизрахи и додаде дека тоа што немало стручен колегиум е прекршување на статутот на клиниката.
Мизрахи рече и дека при сведочењата министрите Беким Сали и Фатмир Меџити рекла дека доколку тоа се случувало во текот на нивните мандати тие се спремни да понесат одговорност.
Од друга страна, според Мизрахи, поранешниот министер за здравство Венко Филипче постојано викал „не знам, не знам“. Таа вели дека Филипче рекол дека не знаел за постоењето на КАТО системот за следење и контрола на лековите, иако бил советник на министерот Никола Тодоров кога системот е набавен.
– Одговорот „Не знам” за мене е апсолутно неприфатлив и сметам дека господинот Венко Филипче, и можеби и подоцна во текот на сослушувањата ќе биде уште еднаш повикан, согласно документацијата која што ќе ја разгледуваме, да можеби се потсети на некои од работи од минатото. Интересно е што на пример од раководителите на ФЗО имавме убави солидни одговори, меѓутоа кои што не се поклопуваа во делот на контролната улога на ФЗО. Значи министерот бил должен да знае и бил должен да знае за функционирањето на целокупниот систем, вклучувајќи го и Фондот за здравствено осигурување, меѓутоа и директорите на фондот биле должни, преку своите надлежности, да знаат што се случува. Зошто? Заради тоа што во фондот имате сектор ‘контрола’ – истакна Мизрахи.
За Мизрахи нема ништо спорно ако Анкетната комисија сослушува сведоци за Онкологија додека трае истрагата за случајот во Основниот кривичен суд во Скопје.
– Не гледам ништо спорно, ние не сме парасуд, бараме само политичка одговорност – објаснува таа како коментар на изјавата на претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, кој претходно изјави дека формирањето на Комисијата додека е во тек судската постапка не е дозволиво.
Таа објасни дека согласно член 76 може од политичката одговорност да произлезе и друга одговорност како кривична или граѓанска одговорност, а дека Анкетната комисија и нејзините ингеренции се дефинирани во Уставот.