Вербалната „војна“ меѓу првиот човек на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ, и поранешната играчка легенда на белградскиот фудбалски клуб и актуелен претседател на Црногорскиот фудбалски сојуз (ФСЦГ) Дејан Савичевиќ продолжи со нови меѓусебни обвинувања.
Терзиќ, во изјава за белградските медиуми, го нарече Савичевиќ „искомплексирана личност“ и „двојна нула“ како човек и функционер.
– Савичевиќ како фудбалер беше вонсериски играч и заслужува респект. Савичевиќ како човек и актуелен раководител на ФСЦГ е двојна нула. Тој е искомплексирана личност, која не може да прифати дека по завршување на играчката кариера е неуспешен како човек и како раководител, а оти на другата страна е некој, кој не бил толку добар како фудбалер, а сега е успешен и како човек, и како директор на Црвена ѕвезда“ – рече Терзиќ.
Тој, неодамна, и покрај меѓусебните лични несогласувања, го повика Савичевиќ да биде специјален гостин на натпреварот меѓу Црвена ѕвезда и Милан во рамки на Лига Европа, на што претседателот на ФСЦГ возврати дека „Терзиќ е последниот човек, кој треба да го повика на натпреварот против Милан“.