ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈА ЗА ФИЛМ ТРЕБА КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА Милчо Манчевски укажува на барањето на ДКСК
Најстара стратегија на свет - сврти го вниманието со лаги: Агенција за филм повторно брутално лаже за наводна пресуда на Судот против „Банана филм“, за да го скрие фактот дека Антикорупциската комисија побара Владата да го разреши директорот Бојан Лазаревски, а Јавното обвинителство да го гони кривично за незаконско трошење буџетски пари, пишува режисерот во својата објава на Фејсбук.
Агенцијата за филм пак лаже за да го скрие катастрофалниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата и нивното барање директорот кривично да се гони и тоа дека инспекција открила криминал во фирмите блиски на Агенцијата, пишува на својот фејсбук-профил режисерот Милчо Манчевски за актуелните преписки меѓу ДКСК и Бојан Лазаревски, директорот на Агенцијата за филм.
„Најстара стратегија на свет – сврти го вниманието со лаги: Агенција за филм повторно брутално лаже за наводна пресуда на Судот против „Банана филм“, за да го скрие фактот дека Антикорупциската комисија побара Владата да го разреши директорот Бојан Лазаревски, а Јавното обвинителство да го гони кривично за незаконско трошење буџетски пари. Главната расправа во Управниот суд во случајот „Банана филм“ против Агенција за филм уште не е ни почната. Да потсетиме, „Банана филм“ поднесе тужба да се поништи решението на директорот на Агенцијата за филм со кое незаконски ја запре реализацијата на „Кајмак“ и на „Биста“ („Збогум, Копакабано!“) на Милчо Манчевски. Со ова решение на Агенцијата за филм за замрзнување на филмските проекти на Манчевски нарушена е презумпцијата на невиност како врвно и со Устав загарантирано начело. И Министерството за култура констатираше дека оваа одлука на УО е незаконска. Управниот суд донесе времена мерка, со која наложи до крајот на главната расправа да се одмрзнат проектите на Манчевски. Но, Вишиот управен суд сега ја укина таа времена мерка. Така што, постапката за главната расправа во Управниот суд допрва претстои. И ДКСК и Државниот завод за ревизија и Транспаренси интернешнл и Министерството за култура и Венецијанскиот филмски фестивал и Меѓународната асоцијација на филмски критичари и Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа сметаат дека Агенцијата го крши законот“, напиша Манчевски.
Дали е на повидок разрешување за предметот за финансиското работење на „Банана филм“ кои се однесуваат на потрошени 950.000 евра, за кои не е доставен извештај, како и трансакции на „Банана филм“ кон фирми во Њујорк, САД? Дали институциите како Вишиот управен суд, вклучително и ДКСК ефикасно и законски ќе постапат до конечно расчистување на случајот со „Банана филм“?
Во документот до кој дојде редакцијата на НОВАТВ се наведува дека Вишиот управен суд постапувајќи по жалбата на АФРСМ го одби како неосновано барањето на тужителот – Друштво за филмска продукција „Банана филм“ од Скопје за определување на времена мерка со која бара да се одложи од извршување Решението на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а кое се однесува на стопирање на новите проекти на продуцентската куќа на Милчо Манчевски.
Во образложението на судот се наведува дека жалбата на АФРСМ за првичната одлука на Управниот суд да го уважи барањето на тужителот „Банана филм“ да се одложи извршувањето по одлуката за времена мерка и замрзнување на проектите на тужителот е основана.
„Вишиот Управен суд од списите на предметот утврди дека Агенцијата за филм на РСМ донела решение од 10.05.2023 со кое во точка 1 од диспозитивот одлучила : Се прекинува натамошното финансирање и постапување на проектите „Кајмак“ и „Биста“ во продукција на продуцентот „Банана филм“ ДООЕЛ Скопје поради потреба од решавање на претходното прашање-постоење на основи на сомнение во однос на вистинитоста на изјавите од член 26 став 2 точка 5 од Законот за филмска дејност доставени како доказ од страна на продуцентот „Банана филм“ во наведените проекти. Во точка 2 од диспозитивот на решението органот одлучил: Постапките по проектите се прекинуваат додека да се реши прашањето за кое е надлежен суд односно јавен орган. Во точка 3 од диспозитивот на решението е одлучено ова решение влегува во сила со денот на неговото донесување““, пишува во дел од образложението на Вишиот Управен суд.
Оваа висока правна инстанца, Вишиот Управен суд најде дека Управниот суд го повредил законот на штета на тужениот орган.
Според Вишиот Управен суд сосема јасно од наведените законски одредби произлегува дека во секој случај треба да се цени дали извршувањето на актот би му причинило штета на тужителот која тешко може да се надомести , а истовремено се цени и јавниот интерес кој може да биде загрозен со донесување на одлука со која се одлага извршување на управниот акт.
Овој суд цени дека Управниот суд го зел во предвид само интересот на тужителот, занемарувајќи го јавниот интерес односно спорот за финансиското работење на продукцијата за кое АФРСМ донел одлука да ги стопира натамошните финансирања на проектите до расчистување на овие сомнежи.