ДИРЕКТОРОТ МОРАЛО ДА ЗНАЕ ДЕКА УПРАВИТЕЛОТ МУ ЗАМИНАЛ „НА ГУРБЕТ“ Прилепскиот СДСМ му врати на директорот Абрашоски
Ако директорот Абрашоски не е информиран дека дел од вработените со месеци не се појавуваат на работното место, дека управителот заминал надвор од државата да работи како келнер, ако не знае дека вработените три месеци не зеле плата, тогаш со што тој се занимава - праша СДСМ.
Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“- Прилеп е директен соучесник во скандалот кој му нанесе срам на претпријатието со кое раководи, заради што мора да замине од директорската функција – се вели во реакцијата на Општинската организација на СДСМ Прилеп на прес-конференцијата на директорот на ЈКП „Комуналец“, Рубин Абрашоски.
– Скандалозна е неговата изјава дека не знаел за двомесечното отсуство од државата, односно 60-дневното недоаѓање на работа на управителот на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп, Мартин Ачкоски. Ако Абрашоски не е информиран дека дел од вработените со месеци не се појавуваат на работното место, дека управителот заминал надвор од државата да работи како келнер, ако не знае дека вработените три месеци не зеле плата и дека имаат поднесено тужба против претпријатието, ако не разбрал дека сметката на „Терминал-Комуналец“ е блокирана, тогаш со што се занимава директорот на најголемото јавно комунално претпријатие во општина Прилеп?
Имаме целосно разбирање за неблагодарната улога да мора да се појави на прес-конференција и да брани нешто за коешто не постои одбрана. Ама тоа никако не значи дека може да ја потценува интелигенцијата на прилепчани, најмалку пак заради зачувување на директорската фотелја, да се одрекува од своите сопартијци.
Директоре Абрашоски, трагикомична е твојата изјава дека Мартин Ачкоски бил кадар донесен од СДСМ! Бидејќи долги години си дел од ЈКП „Комуналец“, познато ти е дека истиот овој Мартин Ачкоски и во 2015 година беше именуван за управител на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп! Ако си заборавил, ќе те потсетиме дека во 2015 година локалната власт во Прилеп ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, дека градоначалник беше Марјан Ристески, а неговиот братучед Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – се вели во реакцијата на ОО на СДСМ Прилеп.