Директорот Кристијан Трајковски најавува изградба на комерцијални станови на атрактивни локации во Центар
Веќе подолг период работиме на расчистување на неколку локации во Општина Центар од кои можам да ги истакнам следните како атрактивни: локацијата на јужен булевар – поранешна воена пекара, една локација во населбата Дебар маaло, локација во населбата Буњаковец и секако локацијата каде што во моментов се наоѓаат канцелариите – бараките на АДИССДП, вели Трајковски.
Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) Кристијан Трајковски најавува изградба на нов комерцијален и деловен простор во општината Центар, откако Уставниот суд го укина мораториумот за градење
Тој вели дека во изминатиот период интензивно се посветиле на расчистување на сите локации на кои беа предвидени згради за социјално ранливите категории.
– Сметам дека навистина успеавме да покажеме сериозна реализација на капиталните инвестиции и дека бројките од 100% реализација за 2019 и 2020 година доволно покажуваат за нашиот ангажман и посветеност. Со ваквата динамика во соработка со Социјалната развојна банка на Европа ЦЕБ (The Council of Europe Development Bank -CEB), успеавме на целата територија на РСМ да отпочнеме изградба на 13 локации. Локациите на кои се градат сите објекти се претходно усогласени со Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика согласно потребите и нивната евиденција на лицата од социјално ранливите категории и впрочем се утврдени во Годишната програма на АДИССДП која ја донесува Владата на РСМ – вели Трајковски во интервју за „Локално“.
Тој оценува дека е голем интересот за купување на комерцијални станови кои АДИССДП ги гради како инвеститор во изминатиот период.
– Само за пример можам да ги истакнам продажбите на двете комерцијални згради во Реонски центар Аеродром кадешто на првата објава и лицитација се продадоа над 90% од понудените станови. Со укинувањето на мораториумот во Општина Центар се отвара можност за изградба на нов комерцијален и деловен простор. АДИССДП веќе подолг период работи на расчистување на неколку локации во Општина Центар од кои можам да ги истакнам следните локации како атрактивни: локацијата на јужен булевар – поранешна воена пекара, една локација во населбата Дебар маaло, локација во населбата Буњаковец и секако локацијата каде што во моментов се наоѓаат канцелариите – бараките на АДИССДП. За првата локација е завршена постапката за избор на проектант и во наредните месеци очекувам да започнеме со постапката за избор на изведувач – вели директорот Трајковски.