ДИРЕКТОРОТ АРИФИ БАРАЛ 100.000 ЕВРА, А ЗЕЛ 20.000 ЕВРА ЗА ДА СМЕСТИ БОЛНО ЛИЦЕ НА ГЕРИЈАТРИЈА Барал пациентот да си го продаде станот, за да му се плати

На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување, ако биде награден со 100.000 евра, соопшти Јавното обвинителство.

700

Директорот на специјализираната болница за геријатрија, Мухсин Арифи барал 100.000 евра мито за себе за да смести болно лице на Клиниката за геријатрија, со која раководел, а кога ќерката на пациентот му кажала дека нема толку пари, Арифи ѝ рекол да го продаде станот од татко ѝ. Според соопштението од Јавното обвиннителство, Арифи се согласил првично да земе 20.000 евра, но ќерката му останала должна до крајната сума.

Тој испратил свој посредник да ги земе парите, при што посредникот е фатен на дело како зема 20.000 евра од оштетената жена.






Полицијата вчера ги уапси Арифи и неговиот помошник.

Обвинителството информираше дека јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за истражна постапка против 2 лица, од кои едното е осомничено за кривично дело Примање поткуп од член 357 став 5, во врска со став 2 од Кривичниот законик, а другото за помагање при извршување на тоа кривично дело.

„Првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.3.2025 до 8.4.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши. Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием“, соопшти ЈО.

По неколку дена, се додава во соопштението, добила повик од второосомничениот, кој ѝ закажал средба со директорот на Установата на 19.3.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.

„На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување, ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка. На 3.4.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 4.4.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра. Согласно овој договор, вчера, на 8.4.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници“, соопшти Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Поврзани содржини