ДИРЕКТОРКА ПРАВЕЛА ‘РШУМ ВО УЧЕНИЧКИ ДОМ ВО БИТОЛА Се товари за неосновани исплати, незаконски вработувања, набавки во четири очи, фалсификување записници…
Сега обвинетата се соочува со судење за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и прекршување на законот за трансформација во редовен работен однос.
Основното јавно обвинителство во Битола поднесе обвинение против поранешната директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ поради серија злоупотреби и фалсификување документи. Обвинението опфаќа и прекршувања поврзани со договори за работа и јавни набавки.
Според обвинението, во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата му овозможила на еден работник да добие незаконски исплата за неискористен одмор, дневници и трошоци за наводни службени патувања, а му дозволила и да продолжи да користи службен телефон. Вкупната штета за ученичкиот дом изнесува околу 140 илјади денари.
Дополнително, таа самата си исплатила неоправдани трошоци од 8.176 денари за службени патувања во Србија и Унгарија.
Обвинетата директно склучила договор за сметководствени услуги без јавна набавка, со што правното лице прибавило незаконски корист од 180 илјади денари.
Исто така, таа ги надминала дозволените бројки за ангажирање лица по договор на дело и незаконски исплатила вкупно 1,1 милион денари во периодот од 2021 до 2024 година, вклучувајќи исплати на договори подолги од 24 месеци без согласност од Министерството за финансии.
Обвинението го опфаќа и фалсификувањето патни налози и службени записи. Таа, наводно, составувала лажни патни налози за да оправда своето отсуство од домот, при што во девет случаи во 2022 година со службеното возило ја напуштила земјата преку граничните премини Меџитлија, Ќафасан и Ново Село. Во 2024 година, таа целосно го изменила една страница од записникот на Управниот одбор за службените патувања.
Сега обвинетата се соочува со судење за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и прекршување на законот за трансформација во редовен работен однос.