ДИРЕКТНА ВРСКА ПОМЕЃУ ГРАЃАНИТЕ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УСТАВНИОТ СУД Честите хакерски напади го забрзаа Уставниот суд да ја смени веб-страницата
Новиот сајт на Уставен ја нуди целата архива од 1991 година, како и онлајн обрасци за граѓанските иницијативи и барањата за заштита на слободите и правата
Уставниот суд ја промовира новата веб-страница на којашто се поставени сите информативни содржини поврзани со работењето на Судот и тековните активности. Во насока на зголемување на транспарентноста преку новиот веб-сајт граѓаните имаат увид во сите одлуки и решенија на Судот од 1991 година до денес преку алатката за пребарување која со клучен збор е едноставна и лесна за користење, соопшти Уставниот суд.
„Како особено значајна новина е категоријата на финансиската транспарентност, преку која се овозможува преглед на Буџетот на Судот, завршните сметки, јавните набавки, сите склучени договори. Исто така овој нов веб-сајт им овозможува на граѓаните да се обратат директно до претседателот на Уставниот суд, да ги преземат обрасците за поднесување на иницијативи или барања за заштита на слободи и права“, информираше Судот.
Граѓаните може да се информираат за надлежностите на Судот, историјатот и правната положба. Достапни се сите информации во врска со составот и организацијата на Уставниот суд, основните и правните акти, правилници и сите документи.
„Согласно потребите за посеопфатно информирање на граѓаните за Уставниот суд, но и поради честите напади во последната година, Судот активно работеше на обновување на веб страницата. Новата веб-страница ја изработи советникот Ивица Трајковски, во секојдневна координација со претседателот на Судот, д-р Дарко Костадиновски и портпаролката Христина Беловска. Страницата ќе биде дополнета со бројни содржини и во следниот, согласно потребите на граѓаните и на новинарите и нивно квалитетно и објективно информирање“ соопшти Уставниот суд.